ОН: Речиси 12 милиони се соочуваат со акутен глад во Судан

Обединетите нации прикажаа мрачна слика за хуманитарната ситуација во Судан, нагласувајќи денеска дека речиси една четвртина од населението во земјата е гладно поради огромен недостиг на финансиски средства.

Околу 11,7 милиони луѓе страдаат од акутен глад во Судан, околу два милиони повеќе од минатата година.

Продлабочената криза со храна во Судан е предизвикана главно од кревката економија, сушата, намалувањето на обработливото земјиште и нередовни врнежи од дожд, соопшти Канцеларијата на ОН за храна и земјоделство.

Источноафриканската земја е во политичка криза по воениот удар во октомври.Најпогодени се главниот град Картум, регионот Дарфур и провинциите Касала и Бел Нил.

Се проценува дека околу четири милиони деца на возраст под пет години и бремени жени и доилки се акутно неухранети и имаат потреба од хуманитарна помош. На околу 93.000 од нив им е потребна посебна медицинска нега.

Светската програма за храна соопшти дека била принудена да ги намали оброците за бегалците низ Судан поради недостиг од финансиски средства.