Кремљ во понеделникот ги повика западните држави кои го поддржуваат и вооружуваат Киев да влијаат на тамошните власти за да престанат украинските гранатирања на нуклеарната централа во Запорожје, која е под контрола на руските сили, најголемата во Европа.
На редовниот брифинг со новинарите во понеделникот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека украинското гранатирање врз нуклеарката е „крајно опасно“.
„Очекуваме државите кои имаат апсолутно влијание врз украинското водство тоа да го искористат за да го прекинат таквото гранатирање“, додаде Песков.
Претходно во понеделникот руското министерство за одбрана објави дека во новото гранатирање од страна на украинската војска во нуклеарната централа во Запорожје бил оштетен високонапонски вод и дошло прескокнување на струјата. Се додава дека дошло до струен бран и морало да интервенира противпожарната бригада.
Според портпаролот Игор Конашенков, техничкиот персонал на нуклеарката, кој е украински, ја намалил моќноста на петтиот и шестиот енергетски блок на 500 мегавати за да се спречи прекин на работата на централата.
Русија, која ја има контролата над областа и нуклеарната централа, и Украина, изминатите денови меѓусебно се обвинуваа за напади во близина на централата.
Привремената проруска администрација во блискиот град Енергодар во петокот објави дека во украинско гранатирање биле уништени водовите за струја за одржување на централата. Според Киев, пак, во сабота во наводно руско гранатирање иле оштетени три сензори и дека бил повреден еден вработен во централата. Истата информација ја соопштија и руските власти./
Евгениј Балицики, прорускиот челник на регионот Запорожје, во понеделникот порача дека се преземаат мерки за да се осигури безбедност и нормално функционирање на централата. Од водството на украинскиот државен оператор, исто така, во понеделникот повикаа областа околу нуклеарката да биде прогласена за демилитаризирана зона под надзор на странски мировни сили, што е малку веројатно имајќи ги предвид ставот на Западот дека не сака директно да влезе во конфликт со Русија.