Кина ги користи своите големи воени вежби околу Тајван за да се подготви за инвазија на самоуправувачкиот остров, изјави во вторникот министерот за надворешни работи на Тајпеј, Џозеф Ву.
„Кина ги искористи вежбите и својата воена игра за да се подготви за инвазијата на Тајван“, рече Ву за време на прес-конференција.
Пекинг се ангажира во „големи воени вежби и лансирање проектили, како и сајбер-напади, кампања за дезинформации и економска принуда со цел да го ослаби јавниот морал во Тајван“, инсистираше дипломатот.
Кина минатата недела започна воени игри, вклучително и вежби со вистински оган во шест поморски области околу Тајван, како одговор на посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Нанаси Пелоси на островот.
Според министерот, вежбите сè уште се спроведуваат во Тајванскиот теснец и покрај тоа што Пекинг претходно изјави дека тие ќе завршат во текот на викендот.
„Вистинската намера на Кина е да го промени статус квото во Тајванскиот теснец и целиот регион“, тврди тој.
Ву ги означи вежбите како „грубо кршење на правата на Тајван“ и обид на Пекинг да ја преземе контролата врз водите околу Тајван и поширокиот Азија-Пацифик.
Министерот говореше откако Тајпеј организираше свои вежби симулирајќи одбрана од напад на островот.
Кинеското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека војската ги продолжува своите вежби во водите и воздушниот простор околу островот Тајван, главно фокусирајќи се на операциите против подморници и напади од воздух-море.
Патувањето на Пелоси минатата недела, кое ја направи највисоко рангирана американска функционерка што го посетила Тајван од 1997 година, предизвика силна реакција од Пекинг, кој го гледа островот како дел од својата територија. Освен што ги објави своите најголеми воени вежби во Тајванскиот теснец, Пекинг воведе трговски ограничувања на Тајпеј и ја санкционираше претседателката на Претставничкиот дом и нејзиното семејство.
Тајван е самоуправен остров од 1949 година, но никогаш официјално не прогласи независност од Пекинг. И покрај официјалното признавање на политиката „Една Кина“, САД одржуваат силни неофицијални врски со островот од 23,5 милиони жители, продавајќи оружје на Тајпеј и поддржувајќи го нејзиниот притисок за суверенитет.