
Во САД во средата е обвинет маж означен како припадник на иранската елитна Револуционерна гарда дека планирал убиство на Џон Болтон, советник за национална безбедност на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Американското министерство за правосудство тврди дека 45-годишниот Шахрам Пурсафи, познат и како Мехди Резаји од Техеран, веројатно сакал да го убие Болтон од одмазда за убиството на Касим Сулејмани, командант на Револуционерната гарда во мај 2020 година во американски напад со дрон на меѓународниот аеродром крај ирачката престолнина Багдад.
Според кривичната пријава, Пурсафи побарал од ирански резидент во САД кој е идентификуван само како „лицето А“ да го фотографира Болтон, под изговор дека фотографиите се потребни за книга којашто е во подготовка.
Американскиот резидент го запознал Пурсафи со таен владин доушник кој можел да ги направи фотографиите за одредена цена. Следниот месец Пурсафи, според истражителите, го контактирал доушникот на апликација за размени на криптирани пораки и му понудил 250.000 долари да ангажира некого за да го „елиминира“ Болтон, а тој износ подоцна бил зголемен на 300.000 долари.
Болтон во средата на Twitter му се заблагодари на министерството за правосудство за ангажирањето.
„Иако сега јавно не може да се каже многу, едно е неоспорно. Иранските владејачи се лажговци, терористи и непријатели на Соединетите држави“, напиша Болтон.