Гутереш: Сериозно сум загрижен поради состојбата во украинската нуклеарка

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди на потенцијална нуклеарна катастрофа поради борбите околу нуклеарната централа Запорожје.

„Сериозно сум загрижен за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина. Ги повикав сите заинтересирани страни да покажат здрав разум и да не прават ништо што може да го загрози физичкиот интегритет или безбедноста на нуклеарната централа – најголемата во Европа“, рече Гутереш.

„За жал, наместо да се смири ситуацијата, во изминатите неколку дена имаше извештаи за длабоко загрижувачки инциденти кои, доколку продолжат, може да предизвикаат катастрофа“, нагласи тој.

Електраната Запорожје, која се наоѓа во украинскиот град Енерходар, минатиот викенд беше неколку пати гранатирана и делумно оштетена. Сепак, клучната инфраструктура остана недопрена. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за нападите.

На иницијатива на Русија, Советот за безбедност на ОН подоцна денеска во Њујорк треба да расправа за ситуацијата во електраната. Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси треба да ги информира членките.