
Талибаните „тешко ги прекршиле и злоупотребиле правата на авганистанските жени и девојчиња“, изјави портпаролката на Европската унија во неделата пред првата годишнина од повторното воспоставување на власта на талибаните во Авганистан.
„Талибаните не успеаја да воспостават инклузивен политички систем, негирајќи ги така тежнеењата на авганистански народ“, порача во соопштението портпаролката на Европската служба за надворешно делување, Набила Масрали.
Во Авганистан во понеделникот ќе биде одбележана една година откако талибаните ја преземаа власта без борби, по хаотичното повлекување на трупите на САД и сојузниците по две децении мисија во земјата, а меѓународно поддржаната влада во Кабул и авганистанската војска се распаднаа. Талибаните се обвинети дека ги задушуваат основните права на жените и за ограничување на медиумските слободи, додека големи делови од земјата тонат во сиромаштија, и поради блокирањето на средствата во странство и на меѓународната помош.
Ниедна земја досега не ја призна талибанската влада иако некои одржуваат контакти со Кабул, а жените и претходно седмицава излегоа на протест на улиците за да го осудат ограничувањето на правото на работа и слободата на движење, како и пристапот до образование.
Во саботата талибанските безбедносни сили повторно со стапови го растераа мирниот протест на десетици жени кои се движеа по улиците на Кабул извикувајќи „Храна, работа и слобода“.
Европската унија, исто така, го осуди постапување кон народот Хазари и шиитското малцинство во Авганистан, како и „систематското злоупотребување на нивните економски, социјални, културни, граѓански и политички права“.
ЕУ талибаните ги нарече „авганистанските де-факто власти“. „Авганистан не смее да остане безбедно засолниште за терористите, ниту закана за меѓународната безбедност“, се додава во соопштението.