Делегација на американскиот парламент допатува во неделата во дводневна посета на Тајван во текот на којашто ќе се сретнат со претседателката Цаи Инг-вен, и е втората група највисоки американски функционери кои пристигнуваат на островот среде воените тензии со соседна Кина која островот го смета за своја одметната покраина.
Кинеската војска десетина дена веќе одржува воени маневри околу Тајван, изразувајќи протест поради неодамнешната посета на Тајпеј на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, со што по 25 години беше нарушена практиката на Вашингтон на Тајван да не ги испраќа највисоките државни функционери придржувајќи се на правилата за „статус-кво“ на Тајван и на „една Кина“.
Де-факто американската амбасада во Тајпеј соопшти дека делегацијата ја предводи сенаторот Едвард Џон Марки, кого го придржуваат уште четворица пратеници во рамките на пошироката посета на индо-пацифичкиот регион. Според тајванскиот кабинет, американските високи личности со претседателката Цаи ќе се сретнат во понеделник наутро по локално време.
„Во моментот кога Кина ги подигнува напнатостите во Тајванскиот теснец и регионот со своите воени вежби, Марки ја предводи делегацијата којашто ќе го посети Тајван, што уште еднаш укажува на цврстата поддршка на американскиот Конгрес на Тајван“, се истакнува во соопштението.
Тајванското министерство за надворешни работи објави фотографија на американските политичари кои домаќините ги дочекале на аеродромот Сонгшан во центарот на Тајпеј, а допатувале со транспортен авион на американските воздухопловни сили.
Претседателка Цаи Инг-вен изјави во четвртокот дека кинеската закана со сила не е намалена, иако првично изгледало дека слабее интензитетот на најголемите кинески воени вежби кога и да одржани околу островот.
Владата во Тајпеј порача дека „имајќи предвид дека Народна Република Кина никогаш не владеела со островот, нема право на него, ниту да решава за неговата иднина која може да ја одреди само народот на Тајван“.
Официјалните односи меѓу централната влада во Пекинг и властите во Тајпеј се прекинати во 1949 година, кога силите на Куомитангот, предводени од генералот Чанг Кај-шек, поразени во граѓанската војна со Кинеската комунистичка партија, се префрлија на островот Тајван. До 1971 година, кинеското место во ОН го заземаше Република Кина (Тајван), а до денес ја признаваат само 14 членки на ОН, како и Ватикан, како најзначаен меѓународен субјект кој одржува службени дипломатски односи со Тајван. Државите не може да имаат официјални односи истовремено со Кина и со Тајван, како што беше случајот со Македонија кон крајот на 1990-те и почетокот на 2000-те години.