Запрено производството на „Toyota“ поради штедењето струја во Сечуан

Јапонскиот концерн познат по производството на автомобили „Toyota Motor“ објави во вторникот дека ја запрела работата во фабриката во кинеската покраина Сечуан откако тамошните власти издадоа упатство за штедење на електричната енергија.

Фабриката во Сечуан нема да работи до сабота, потврдил портпаролот на „Toyota Motor“.

Покраината Сечуан ја рационализираше потрошувачката на струјата во локалната индустрија во текот на најголемиот топлотен бран во последните 60 години, што ги натера произведувачите на ѓубрива, литиум и други метали да ги затворат постројките или да го намалат производството.

На индустриските потрошувачи во 19 од 21 град во покраината Сечуан им е порачано да го запрат производството во периодот од 15-ти до 20-ти август за да им се даде предност на станбените објекти при користењето на електричната енергија за разладување во текот на топлотниот бран.

Од „Toyota Motor“ не сакале да кажат како прекинот на работата ќе влијае врз обемот на производството. Велат дека секојдневно ја следат ситуацијата и насоките кои ги дава локалната Управа за стопанство и информациска технологија.