Прашањето за договорите на дело е исклучително важна тема која останува отворена за дебата во рамки на даночните реформи, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во интервјуто за МИА, министерот посочува дека се работи за комплексна тема која опфаќа широк спектар на граѓани. Веќе имаме искуство дека една иницијатива не успеа, вели Бесими, додавајќи дека целта е да се слушнат размислувања и предлози од различни интересни групи за да се дојде со најдоброто решение.
– Се работи за тема којашто опфаќа многу широк спектар на граѓани или физички лица кои се во економска активност во тој дел. За жал, во пракса сме виделе дека дел од тоа се манипулира. Имаме ситуација во која намерно се пријавуваат најниски социјални давачки, а потоа разликата се дава со договор на дело. На овој начин, директно губат вработените, затоа што во иднина ќе имаат пониски пензии. Има и ситуации во кои некои воопшто не се пријавуваат, а користат социјални здравствени услуги од Агенцијата за невработени. Ова е исто така дел од сивата економија, вели Бесими.
Прашан дали во секој случај со даночната реформа ќе бидат опфатени договорите на дело, Бесими со став дека не сака ништо да прејудицира и дека најважно е да се дебатира за ова.