Калајџиев: Суспензијата на Русковска е по нарачка, има стапнато некому „на жуљ“ 

Сѐ уште не знаеме дали фокусот е сосема тргнат од случајот на предистрага во случајот на финансиската полиција, едно е сигурно, дека начинот на кој што се санкционирани обвинителките од Обвинителството за организиран криминал и корупција се чини престрог и несоодветен – оцени универзитетскиот професор Гордан Калајџиев во вестите на телевизија Телма.

– Ние сме имале и поголеми пропусти во обвинителството, поврзани со надлежноститеОпшто познато е дека постапувале обвинители што воопшто не се реизбрани со години, нивниот легитимитет бил многу попроблематичен од овој. Овде е прашање, дали процесно, по една иста линија на надлежност, постапува еден или друг обвинител. Во принцип имаме флексибилност во обвинителството од опортуни причини, презафатеност на пример. Процесниот дел не е работа што би била санкционирана од судот, и затоа се многу чудни вакви санкции и вакви квалификации, повеќе би рекол политички – вели професорот Калајџиев.

Според него поголема грешка на Вилма Русковска што сега не се спомнува, нејзиниот повик до странските амбасади кој што значеше дека системот е растурен, дека нема доверба во повисокиот обвинител и повикува на помош од страна.

– Во принцип таквиот чекор беше очајнички. Мислам дека и самата обвинителка веројатно со време ќе се покае за ова, бидејќи не доликува ако си обвинител, ако не можеш да се бориш или да си ја извршиш функцијата, било која функција да ја имаш, особено не ваква одговорна функција и захтевна, ред е да поднесете оставка. Мој впечаток е дека таа има стапнато на жуљ некому и дека ваквата усилена интервенција на државниот обвинител е практично по нарачка, рече Калајџиев.

Според него оставката на Арафат Муареми е малку неочекувана.

– Во момент кога тој шутира пенал, односно е шутнат пенал во негова полза, односно републичкиот обвинител шутнал пенал во негова полза, со тоа што обвинителите ги ставил на обвинителна клупа, неговата позиција страшно се подобрува, малку е неочекувано што во таков случај тој поднесува оставка – вели професорот.

Според Калајџиев, ова може да значи дека веројатно е договорено да се тргнат и едните и другите бидејќи, како што додаде, обвинителките во конкретниов случај „го обрале бостанот“.

– Ако републичкиот обвинител смета, дека во таа постапка се направени сериозни пропусти и злоупотреби, тогаш тој треба таа постапка да ја сопре. Ако тој мисли дека постапката е злонамерно поведена и погрешно водена и на штета на јавните интереси, како што е сега утврдено со тоа што повел дисциплински постапки против обвинителките, тогаш доследно би било таа постапка да се запре – смета Калајџиев.