Европската суша ги откри древните камења

Поради големата суша ширум Европа водостојот на реките и езерата се спушти на ниво кое ретко кога е забележано во историјата, изложувајќи ги на виделина и несакани опасности и драгоцености.

Во Шпанија, која е под најголемата суша по повеќе децении, археолозите беа одушевени од појавата на праисторискиот камен круг наречен „шпански Стоунхенџ“ кој вообичаено е прекриен со водата од браната.

Официјално познат како Долмен Гвадалперала, камениот круг сега целосно е откриен во еден агол од вештачкото езеро Валдаканас, во централната покраина Касерес, каде што властите велат дена нивото на водата паднала на 28 отсто од капацитетот. Го открил германскиот археолог Хуго Обермаер во 1926-та, но оваа област била потопена во 1963-та во проект за рурален развој во времето на диктатурата на Франциско Франко. Од тогаш бил видлив само четири пати.

Сеќавањата на минатите суши во Германија ги разбуди повторното појавување на ткн „камења на гладта“ по должината на реката Рајна. Многу такви камења станаа видливи по должината на брегот на најголемата германска река последните седмици.

Повторното појавување на камењата на кои се означени датуми и иницијали, некои го гледаат како предупредување и потсетник на тешкотиите со коишто луѓето се соочувале во текот на минатите суши. Датумите на каменот виден во Вормс, јужно од Франкфурт, и во Рајндорф, близу Леверкузен, укажуваат на 1947-та, 1959-та, 2003-та и 2018 година.

Уште една од моќните европски реки – Дунав, падна на едно од најниските нивоа во речиси сто години како последица од сушата, откривајќи трупови на повеќе од 20 германски воени бродови потопени во Втората светска војна во близини на речниот пристанишен спрски град Прахово. Бродовите биле меѓу стотиците кои црноморската флота на нацистичка Германија ги потопила во 1944-та по должината на Дунав додека се повлекувале пред советските трупи, а сѐ уште го попречуваат речниот сообраќај при низок водостој.

Италија прогласи вонредна состојба за областа околу реката По, а кон крајот на јули во плитките води најдолгите реки во земјата беше откриена бомба од Втората светска војна тешка 450 килограми. Околу 3.000 луѓе кои живеат во близина на селото Борго Вергиљо, во близина на градот Мантова, беа евакуирани додека воени стручњаци претходно во август ја деактивираа и изведоа контролирана експлозија на бомбата направена во САД.