Премиер лига: Арсенал уверлив кај Борнмут

Одличното отворање на новата сезона во англиската Премиер лига фудбалерите на Арсенал го продолжија и во саботата во рамките на трето коло славејќи со лесни 3:0 на гостувањето кај Борнмут.

Ова беше третата победа на лондонските „Топчии“ во исто толкуте натпревари, а овој дуел го решија уште на самиот почетокот. По 11 минути веќе беше 2:0, а двата погодока, во 5 и 11-та, ги постигна Норвежанецот Мартин Одегар, а најзаслужен за првиот беше одлучниот Габриел Жезус кој се поигруваше со домашната одбрана. Во продолжението од мечот во 54 минута убав погодок постигна Вилијам Салиба а стрелец беше и Жезус но неговиот гол беше поништен поради офсајд.

Арсенал моментално е водечки со максималните девет бодови, а Борнмут со три бода моментално е 14-ти.

Капитенот Хари Кејн со погодокот во 64 минута му ја донесе домашната победа од 1:0 на Тотехем над Вулверхемптон, Тотенхем сега е втор со седум бодови, а Вулверхемптон со еден бод е 17-ти.

Кристал Палас со 3:1 пред своите навивачи ја совлада Астон Вила. Гостите поведоа во 5 минута со голот на Оли Воткинс но само по две минути домашните израмнија преку Вифред Заха. Истиот играч во вториот дел во 58 минута го однесе пресвртот, а Жан-Филип Матета во 71 минута ја потврди победата на домашните.

Кристал Палас дојде до првата победа сезонава и сега со четири бодови е на 10-то место, а со бод помалку Астон Вила е 13-та.

Лестер Сити не го прослави продолжувањето на договорот со својот најдобар стрелец во историјата Џејмс Варди, зашто беше поразен на домашен терен со 1:2 од Саутемптон. Лестер поведе во 54 минута преки Џејмс Медисон, но Чи Адамс со двата погодока во 68 и 84 минута направи резултатски пресврт и победа на гостите.

Лестер Сити остана на еден бод и е 18-ти, а Саутемптон ја оствари прваа победа сезонава и со четири бодови е 12-ти.

Иако поведе уште на самиот старт од мечот Фулам успеа дури во последната да ги освои трите бода пред гостинскиот Бретфорд. Во првата минута стрелец беше Боби Рејд а домашните имаа сигурно водство во 20 минута кога погоди Жоао Паљиња. На крајот од првиот дел гостите намалија преку Кристијан Норгард, а во 71 минута израмни Ајван Тонеј. Сепак, во 90 минута Александар Митровиќ ги израдува домашните навивачи.

Фулам со оваа победа дојде до пет бодови и на четвртото место минувајќи го Бренфорд кој остана на четири бодови и падна моментално на петтото место на табелата.

Повратникот во Премиер, Нотингем Форест успеа да остане непоразен на гостувањето кај Евертон. Гостите поведоа во 81 минута преку Бренан Џонсон, но Демераи Греј во 88 минута ги спречи да се израдуваат на втората победа сезонава.

За Евертон ова е првиот бод во првите три кола и моментално е 16-ти, додека Нотингем Форест со четири бодови е 11-ти.

Во недела се среќаваат: Лидс Јунајтед – Челзи, Вест Хем – Брајтон и Њукасл – Манчестер Сити, додека последниот натпревар на распоредот е во понеделник а во дербито на колото играат најтрофејните англиски клубови Манчестер Јунајтед и Ливерпул.