
Пожарот во Цементарницата „Усје“ кој бил забележан напладне е локализиран, но на местото остануваат пожарникари заради постојана контрола, изјави командирот на скопската Противпожарна бригада Ѕвонко Томевски.
Станува збор за оган што избувнал на електричната инсталација во ротациската печка на Цементарницата. На лице место интервенирале три возила на скопската противпожарна бригада.
Ќе се врши увид и ќе се истражува како избувнал пожарот кој се гледаше од Кисела Вода и од Аеродром.
„Чадот што се издигаше над Цементарницата, а бил забележан и од граѓаните во општините Кисела Вода и Аеродром, практично излегол од тунелот за вентилација на печката за производство на цемент. Нема повредени лица, ниту пак се зафатени печката, оџаците или материјалите на кои се базира производството“, рече Томески.