Лајчак и Ескобар неделава во посета на Белград и на Приштина

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак и американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар најверојатно ќе ги посетат Приштина и Белград, дознава Радио Слободна Европа од сигурни дипломатски извори во Брисел. Посетата ќе се случи во текот на оваа недела и има за цел уште еднаш да се разговара со страните за да се најде решение за издавање на влезно-излезни документи за српските државјани кои доаѓаат на Косово. На 18 август Европската унија свика нова рунда на највисоко политичко ниво, но неколкучасовните разговори завршија без договор, а шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави продолжување на преговорите. Главните преговарачи на Србија и на Косово требаше да се сретнат оваа недела како дел од продолжувањето на ангажманот во европската престолнина, но на тоа најверојатно ќе се чека исходот од разговорите што Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар ќе ги одржат со соговорниците во Приштина и Белград.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера се сретна со Србите од Косово. По оваа средба тој за новинарите изјави дека косовската страна не прифатила ниту еден предлог од официјален Белград на средбата во Брисел на 18 август. Како што наведе, еден од тие предлози е и воведувањето статусно неутрални таблички. На 31 јули, локалните Срби подигнаа барикади на северот на Косово за да се спротивстават на одлуките на косовската влада за српските регистарски таблички и документи. Одлуката на косовската влада се однесува на спроведувањето на договорот за слобода на движење што Приштина и Белград го постигнаа во 2011 и 2016 година.