Руската инвазија во Украина ги зближува Канада и Германија, при што Канада настојува да го зголеми извозот на енергенсите и суровините во Германија додека двете земји се одвикнуваат од фосилните горива, изјавиле во понеделникот канадскиот премиер Џастин Трудо и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Во текот на својата тридневно посета на Канада, Шолц во понеделникот утрото по локално време се сретнал со Трудо предводејќи делегација на челници на германски компании.
Според најавите, во вторникот би требало да бидат објавени договори за јакнење на канадскиот извоз на водород и критични минерали во Германија.
„Германија стравува од натамошно намалување на испораките на природен гас од Русија зимава во знак на одмазда за западните земји по инвазијата врз Украина во февруари“, изјавил во понеделникот министерот за економија Роберт Хабек за германската телевизија ARD.
Канадскиот премиер изјави дека „руската инвазија врз Украина го забрза и продлабочи пристапот кој го негуваме едни кон други“. Иако Трудо остави отворена врата за нови проекти за извоз на течен природен гас (LNG) во Европа од канадскиот брег, укажа на економските тешкотии со тие проекти и потребата од декарбонизација на глобалното снабдување со енергенси.
„Канадските компании истражуваат дали има смисла да се извезува LNG и дали постои деловна причина за извозот на LNG директно во Европа“, предупреди Турдо.
Шолц од своја страна рече дека Германија, иако мора да набавува гас од други извори за да не биде зависна од Русија, сака да постигне „јаглеродна неутралност“ до 2045 година. Берлин се надева дека ќе ја елиминира потребата од руски гас до средината на 2024 година.
Канада, пак, таа сака „јаглеродната независност“ да ја постигне до 2050 година. Канада била петтиот најголем светски произведувач на природен гас во 2020 година, според Меѓународната агенција за атомска енергија (IAE), но моментално нема постројки за LNG на својот источен брег.
Трудо рече дека неговата влада има волја да ги ублажи „регулаторните пречки“ за сите нови LNG проекти, доколку компаниите одлучат дека постои исплатлива деловна причина за нивно градење.