-1.2 C
Skopje
понеделник, декември 30, 2024

(ФОТО/ ВИДЕО) „Секогаш и секаде на безбедносните предизвици“ – одбележан денот на ЕБР

Во полицискиот центар ,,Ѓорче Петров “се одржа свечена церемонија на која Министерството за внатрешни работи одбележа 21. година од формирањето на Единицата за брзо распоредување.

Дводецениските резултати и постоењето на оваа единица, без која реално не може да се замисли полициското работење, благодарение на актуелното раководство на МВР, веќе традиционално се валоризираат во пригодна свеченост посветена на денот на формирањето на оваа единица.

Формирана во 2001 година по пример на европските „сили за брза реакција“, се трансформира и го менува името неколку пати, за да воспостави врвни европски полициски стандарди во своето работењето со што улогата која ја има во безбедноста на државата секој ден станува сè поважна и позначајна.

Во своето обраќање пред присутните министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски , истакна дека ова не е само датум на кој се слави денот на формирањето на единицата туку нејзините бројни достигнувања на кои сме сите сме горди години наназад.

Министерот Спасовски потенцираше дека полициската професија секојдневно е соочена со безброј предизвици на кои треба веднаш да се одговори, како на неодамнешните насилни протести, на кои ЕБР уште еднаш ја покажа својата професионалност и посветеност во зачувување на безбедноста на институциите и граѓание на државата.

Командантот на Единицата за брзо распоредување Вице Столески потсети дека од нејзиното формира до денес, ЕБР е вклучена во извршување на многубројни сложени и ризични безбедносни задачи, кои помогнаа единицата да се зацврсти и изгради како фактор на безбедноста на граѓаните и еден од столбовите за стабилноста на државата.

-Единицата за брзо распоредување високо на лествицата на безбедносниот систем на државата, а како Единица во состав на Одделот за специјални полициски операции претставува суштествена вооружена формација на Министерството за внатрешни работи, која може секогаш и секаде да одговори на сите безбедносни предизвици. Без лажна скромност ќе ми дозволите да кажам дека навистина сме горди на постигнатото, бидејќи 21 година подоцна со полно право можеме да кажеме дека припаѓаме на Единица која е дел од историјата, која живее во сегашноста и ќе биде основа за безбедноста на граѓаните и државата во иднина, потенцираше командантот Столески.

Столески изрази посебна, искрена благодарност до семејствата на починатите на Единицата и потсети дека нивната храброст и жртвата која ја дадоа, никогаш нема да бидат заборавени, а на граѓаните им порача да бидат спокојни и мирни, да имаат потполна доверба во ЕБР бидејќи Единицата за брзо распоредување е секогаш тука за нив.

На свеченоста беа доделени јубилејни плакети за најуспешните припадници на Единицата, за оние кои одбележуваат 5, 10, 15 и 20 години работа во нејзините редови, но и за пријателите и соработниците на Министерството за внатрешни работи и ЕБР. Во чест на Единицата беше емитуван и промотивен видео спот, а на крајот на свеченоста гостите ја посетија Спомен собата на ЕБР, каде се потпишаа во спомен-книгата на Единицата.

Официјални делегации од Владата, Министерството за внатрешни работи, семејствата на загинатите и починатите припадници на Едницата, делегација од Македонскиот полициски синдикат, од Одделот за специјални полициски операции и од самата Единица положија свежо цвеќе на Спомен плочата на загинатите припадници на ЕБР.