![susa-1-960x540](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/susa-1-960x540.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Европа можеби ја доживува најлошата суша во изминатиот најмалку половина милениум, соопшти денеска Европската комисија, откако најновите научни податоци покажаа дека скоро две третини од Европа е во состојба на тревога за суша или предупредувања поради топлотните бранови и слабите врнежи од дожд.
Во августовскиот извештај на Европската опсерваторија за суша, која е под Европската комисија, се наведува дека 47 проценти од Европа е во услови на предупредување, со јасен недостиг на влага во почвата, додека 17 отсто се во состојба на готовност зашто е зафатена и вегетацијата.
Сушата „се чини дека е најлоша во изминатите најмалку 500 години“, рече денеска портпаролот на Европската комисија Јоханес Барке, повикувајќи се на извештајот.
„Ова секако е само првична проценка и треба да го потврдиме со конечни податоци на крајот на сезоната“, рече тој.
Во извештајот се наведува дека летните култури претрпеле штета, при што годинашните приноси на пченка, соја и сончоглед ќе се намалат до 15 проценти.
Внатрешниот транспорт долж реките како Рајна и Дунав е отежнат поради ниските нивоа на вода, кои исто така се одразија и на производството на хидроенергија.
Врнежите од средината на август можеби го ублажија ефектот од сушата, но во некои случаи тие беа во форма на поројни дождови и грмотевици што предизвика дополнителна штета на веќе исцрпената почва.