
Во интервју за Радио слободна Европа заменик-претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска вели дека очекува македонските пратеници да ги поддржат уставните измени за доброто на државата.
„Јас очекувам дека секој оној што размислува ЕУ-перспективно, којшто размислува добро за државата, ќе гласа за тие уставни измени. Бидејќи секој пратеник ги претставува граѓаните и негови гласачи и тие во него гледаат иднина, гледаат проекти, гледаат во него стандард за оваа држава, така што сметам дека има многу прогресивни сили што сакаат да одат напред и затоа сум оптимист дека може да поминат уставните измени“, вели Лукаревска за РСЕ.
Заменик-претседателката во интервјуто зборува и за стратегијата за даночна реформа за којашто е отворена дебата во јавноста, очекувајќи дека преку соодветна дебата ќе се дојде и до конечното најдобро решение.
„Ќе се навратам на она што значи сугестија од светски, финансиски институции. Она што е стремеж во земјите од Европската Унија, а ние се стремиме да ги прецизираме сите тие препораки. На оваа тема разговаравме со сите тие фактори и со бизнис-заедницата, и со сметководителите и со консалтинг-компании, ревизорски куќи, со МАНУ, со експертите. На крајот ќе мора да се најде најдоброто решение. Донесената стратегија за даночна реформа 2021- 2025, така што не е наеднаш, не е одеднаш, туку пред сè дебатира и се разговара со сите релевантни фактори”, вели Лукаревска.
За најавената мерка за поврат на ДДВ за граѓаните на 2.100 денари во тримесечје од сегашните 1.800 денари Лукаревска вели дека тоа е една одлична и популарна мерка што претставува дополнителна поддршка на животниот стандард на едно семејство.
„Популарноста на мерката нѐ обврзува постојано да правиме одредени убави промени и секако и да го зголемиме лимитот, тоа е дополнување на животниот стандард во едно семејство”, вели Лукаревска во интервјуто за РСЕ.