Лешочкиот манастир е еден од најмасовно посетуваните по повод денешниот голем празник Пресвета Богородица. Така беше и денеска н Утрената богослужба и Света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф. Претходно, манастирот ја изврши Вечерната богослужба со што започна празнувањето.
Беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а митрополитот г.Јосиф се обрати кон народот со пригодна беседа.
– Денес на Успение, ние не ја славиме смртта, туку заспивањето и вознесувањето, заминувањето на небото, воскреснувањето како со душата, така и со телото на Пресвета Богородица, која бдее над нашите души, чувајќи ги од злото и подготвувајќи ги за доброто и за вечниот живот. Празниците се определени од Светата Црква да се празнуваат – вели митрополитот г.Јосиф.
Празнувајќи го овој празник, подвлече тој, добра прилика е да се потсетиме за тоа како треба ние православните да ги праславуваме празниците.
– Еден празник достојно се прославува доколку го посетиме храмот Господов, доколку сме присуствувале на богослужението, доколку сме постеле, исповедале и како круна на сè, доколку сме се причестиле со Светите Христови тајни. Подготовките за овој значаен празник започнаа пред две недели, со почетокот на Богородичниот пост, а денес е централното чествување – порача владиката г. Јосиф.
Дводневната прослава во „Свети Атанасија и Света Богородица“ воедно е централна прослава во тетовско-гостиварската епархија. Празникот редовно го одбележуваат и црквите во Тетово, Брезно, Џепчиште и во месноста Ќелија во Теарце.