Остар пад на азиските берзи, доларот најсилен во 20 години, раст на нафтата

На азиските берзи во понеделникот цените на акциите остро паднаа, додека вредноста на доларот кон кошницата валути ги достигна највисокото ниво во последните 20 години бидејќи каматните стапки во САД би можеле да останат зголемени подолг период отколку што се очекуваше.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките берзи без јапонските, во 7 часот беше во минус од 1,9 отсто. Притоа на Токиската берза индексот Nikkei потона за 2,6 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја се лизнаа за меѓу 0,1 и 2,2 отсто.

Азиските вложувачи се обесхрабрени од падот на берзанските индекси на њујоршки Волстрит во петокот за повеќе од 3 отсто.

А тоа е последица од пораките на претседателот на американската централна банка Federal Reserve (Fed) на конференцијата на централните банкари во Џексон Хол. Имено, Џером Пауел ги разочара вложувачите кои се надеваат дека ќе ја ублажи реториката по прашањето на каматите и порача дека извесно време на економијата ѝ е потребна остра монетарна политика за да се стави под контрола инфлацијата.

А тоа, како што рече Пауел, значи побавен раст на економијата, послаб пазар на трудот и „малку болка“ за граѓаните и компаниите. Нема брз лек за растот на цените, додаде Пауел, што на пазарите е сфатено како најава дека каматите ќе останат зголемени подолг период од очекуваното.

За да се сузбие највисоката инфлација по повеќе од 40 години, Fed од март ги подигна клучните каматни стапки за 2,25 процентни поени, а сосема е јасно дека ќе ги зголеми и во септември. Прашањето е само дали ќе ги зголеми за 0,50 или за 0,75 процентни поени.

„За да се спушти инфлацијата, мислам дека каматите на фондовите на Fed би требало да дојдат до рестриктивните нивоа од 3,5 до 4 отсто. Покрај тоа, каматите би требало да останат на зголемени нивоа сѐ додека инфлацијата не се спушти до целеното ниво од 2 отсто. Значи, пораките на Пауел ги разочараа оние коишто очекуваа намалување на каматите веќе следната година“, вели за Reuters Џејсон Ингланд, портфељ менаџер во компанијата „Janus Henderson Investors“.

Се очекува, исто така, и дополнително зголемува на каматите во еврозоната, имајќи предвид дека инфлацијата во овој блок се движи на рекордните стапки. Притоа некои функционери во Европската централна банка (ECB) се залагаа и за агресивно зголемува на каматите во септември, за 0,75 процентни поени, откако во јули ги зголемите каматите за 0,50 процентни поени.

 

А на валутниот пазар вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути достигна ново највисоко ниво во последните две децении.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути, во понеделникот во претпладневното тргување се движи околу 109,40 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 108,78 поени.

Утрово курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна до 137,40 на 138,59 јени.

Американската порасна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9929 долари, најниското ниво во 20 години, додека во петокот пред затворањето на тргувањето изнесуваше 0,9963 долари.

Еврото е под притисок, бидејќи поради енергетската криза сѐ поголем е ризикот од рецесија во Европа, додека од друга страна ECB ќе мора дополнително да ја заостри монетарната политика.

 

Цените на нафтата, пак, дополнително пораснаа, откако на лондонскиот пазар минатата седмица цента на барелот скокна за повеќе од 4 отсто, бидејќи Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) би можела да го намали производството за да ја израмни понудата и побарувачката на пазарите.

Цената на барелот на лондонскиот пазар на отворањето на тргувањето во понеделникот зајакна за 58 центи, на 101,57 долари, додека истовремено на американскиот пазар барелот поскапе за 87 центи, на 93,93 долари.