Анкара има намера да се обрати во НАТО во врска со неодамнешниот инцидент во кој Грција, исто така членка на воениот сојуз, беше обвинета дека го користела противвоздушниот ракетен систем „С-300“ за „опасно следење“ на турските ловци од типот „F-16“, пишува во понеделникот весникот Yeni Şafak, повикувајќи се на високопозициониран турски безбедносен извор.
„За тоа ќе се дискутира на состаноците и со САД и со НАТО. Авионите имаат функција за записи, и постојат записи, докази кои ќе бидат проследени до соодветните инстанции (…) Додека нам ни велат дека не можеме да го користиме вооружувањето од руско потекло, Грција ги следи нашите авиони, на земја членка на НАТО со исто такво вооружување (…) Да видиме што има да кажат во НАТО за оваа ситуација“, го цитира весникот својот неименуван соговорник.
Претходно во неделата телевизијата CNN Türk, повикувајќи се на извори во турското Министерство за одбрана, грчката војска ги користела руските противвоздушни ракетни системи „С-300“ лоцирани на островот Крит за целење и следење на турските ловци „F-16“. Инцидентот се одиграл на 23-ти август, кога турските ловци летале западно од грчкиот остров Родос, на надморска висина од три километра.
Според турските медиуми големиот инцидент се случил кога турските борбени авиони летале во меѓународниот воздушен простор над Егејското Море во источното Средоземје а „и покрај непријателските дејствија, авионите ги извршиле планираните задачи и безбедно се вратиле во своите бази“.
Од грчкото Министерство за одбрана категорично ги негираа наводите во турските медиуми.
Двете земји членки својата противвоздушна безбедност на темелат на руските ракетни системи. Грција поседува две дивизии на модернизираните системи „С-300 ПМУ-1“ кои во 1996 година беа купени за Кипар, но поради несогласувањето на Турција во врска со поделениот остров, тие беа лоцирани на островот Крит.
Од друга страна, пак, Турција откако беше одбиена од западните сојузници да ѝ испорачаат противвоздушни системи а претходно распоредените „Patriot“ ги повлекоа и турската територија и под нивен притисок го поништи договорот за заеднички проект со Кина, во 2017 година склучи договори за набавка руските системи „С-400“ што предизвика остри реакции и санкции од САД и критики од сојузниците во НАТО.
Односите меѓу Анкара и Атина сериозно се влошени поради територијалните спорови и неможноста да се договорат за поморските зони. Грција и Турција беа на работ на судир во 2020 година, кога Анкара во водите близу Кипар а потоа и во водите крај грчкиот остров Кастелоризо го испрати истражувачки брод за сеизмички подводни истражувања „Oruc Reis“.
Тогаш Грција покрена големи воени маневри заедно со Франција и дојде до неколку инциденти меѓу воените авијации и морнарици на Турција и Грција, а ЕУ се закани со санкции против Анкара. Тогаш, според медиумите, воениот судир бил избегнат во последен момент, благодарејќи на посредувањето на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
Разговорите меѓу Анкара и Атина беа продолжени минатата 2021 година, по петгодишна пауза во обидите да се решат несогласувањата во Средоземјето, но немаше напредок. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во јуни годинава изјави дека Турција ги прекинува разговорите со Грција, делумно поради спорот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и за перманентни грчки нарушувања на турскиот воздушен простор.