Екипите на ЕВН во Арачиново, искорнати кабли за струја насекаде

Екипите на ЕВН денеска влегоа во Арачиново, за да направат увид во електричната мрежа и да ги лоцираат местата каде што се крадат огромни количини струја поради што се случиле и  дефектите во електричната мрежа.

При денешната нивна инспекција, екипите на ЕВН наидоа на искорнати кабли за струја, со што се потврди она за што и претходно кажуваа дека честите дефекти се поради неконтролираното крадење на струјата.

Од ЕВН минатата недела соопштија дека штетата што се предизвикува со „дивите“ приклучоци на мрежата изнесува шест милиони евра на годишно ниво.

Во првата фаза ќе се прави инспекција на мрежата, по што ќе следува реконструкција за подобрување на снабдувањето и отстранување на дефектите како резултат на нелегалните приклучувања во мрежата.