„Газпром“ го запре дотокот на гас преку Северен тек 1

Руската државна компанија „Газпром“ го запре во средата дотокот на гас преку најголемиот активен гасовод во Европа, со што се зголемува опасноста од раст на инфлацијата и тонење во рецесија на водечките економии на континентот, а најбогатите европски земји ги натера на незапаметени рационализирања на потрошувачката на енергијата.

Снабдувањето со гас преку Северен тек 1 падна на нула кубни метри на час, работата на гасоводот е прекината три дена поради закажаните поправки на компресорската станица „Портоваја“, покажуваат податоците на операторите на мрежата за пренос на гас. Гасот за Германија нема да биде испорачуван меѓу 3 часот по средноевропско време во средата до раните утрински часови во сабота, соопшти „Газпром“.

Прекинот на работата на гасоводот е поврзано со вообичаеното одржување на единствената во моментов функционална пумпа за гас на компресорската станица „Портоваја“ – „Trent 60“, која ќе трае три дена. Ремонтот го изведуваат стручњаците на руските „Газпром“ и германски „Siemens“. Германскиот концерн, во согласност со техничката документација, треба да го сервисира уредот на секои илјада работни часови и да го исчисти куќиштето, да изврши проверка на сигурносните вентили и да го прилагоди системот за контрола на протокот на воздух.

Протокот на гасот падна на нула во Северен тек 1, кој од Русија преку Балтичкото Море оди во Германија, покажуваат податоците од влезната точка на германската гасна мрежа.

Така, според информациите на операторот на гасоводот „Opal“, кој добива гориво од Северен тек 1, испораките по балтичкиот автопат престанаа од 04:00 часот по московско време, како што соопшти „Газпром“. Помалку моќниот гасовод „Nel“ престана да добива гас уште порано – од 03:00 часот наутро.

Во Европската унија стравуваат дека Русија би можела да го продолжи овој период поради санкциите без преседан наметнати поради војната во Украина и сметат дека наводно рускиот претседател Владимир Путин ја користи енергијата како оружје.

Натамошните ограничувања во снабдувањето со гас во Европа, кои се надоврзуваат на ланскиот скок на цените на гасот по воведувањето на новите прописи за набавки, би ја зголемило кризата поради која големопродажните цени на гасот веќе скокнаа за 400 отсто во однос на ланскиот август. Тоа ја создава кризата на животните трошоци за потрошувачите и отежнувајќи го работењето на компаниите, како и принудувајќи ги владите да трошат милијарди евра за намалување на товарот.

„Газпром“, кој веќе го намали снабдувањето преку Северен тек 1 на 40 отсто од капацитетот во јуни и на 20 отсто во јули, запирањето на испораките ги објаснува со редовните најавени работи на одржувањето на мрежата, како и санкциите кои го спречуваат враќањето на опремата од гасоводот испратена на ремонт. Така, тридневното запирање на испораките, според руската страна, е неопходен за одржување на единствената преостаната компресорска станица, додека другите пет сѐ уште се во Канада.