Старт на учебната година во Ѓорче Петров – обезбедени ранчиња за 430 првачиња

Општина Ѓорче Петров обезбеди ранчиња за сите 430 првачиња во шесте основни училишта. Градоначалникот Александар Стојкоски денеска ја сподели радоста со првачињата и нивните родители во ООУ „Мирче Ацев“, додека останатите училишта беа посетени од членовите на Советот во општината.
Стојкоски истакна дека учебната година стартува успешно. Покрај тековните активности кои навремено беа завршени, отпочна и настава со физичко присуство по цели две години во ООУ “Тихомир Милошевски” и подрачното ООУ “Димитар Поп Георгиев – Беровски”.
Исто така, додаде, од 5-ти септември целосно е организирана исхраната и топлиот оброк. Воедно, отпочнува и целодневната настава, а училишните дворови беа и хортикултурно уредени пред стартот на 1 септември.
Во општината продолжува и трендот на стабилна бројка за првачиња што се движи од 400 до 450 во последните изминати неколку години.
-Драги првачиња, пред Вас е еден нов свет во кој ќе запознавате многу нови работи. Желбата за повеќе знаење секогаш да биде Ваша најголема цел. Така ќе изразнете во прекрасни млади личности, а Вашите родители горди на Вас – рече Стојкоски, обраќајки се во училиштето „Мирче Ацев“.
На сите вработени во образовниот систем им порача да ги образоваат и воспитувате децата и да ги изнесат кон вистинскиот пат.