Загриженоста за побарувачката ги спушти цените на нафтата под 94 долари

Цените на нафтата паднаа во четвртокот на меѓународните пазари под нивото од 94 долари за барел, поради стравовите на купувачите за побарувачката во услови на заострените епидемиолошки мерки во Кина, високите инфлации и подигнатите каматни стапки во САД и Европа.

На лондонскиот пазар цените на барелот во попладневното тргување беше пониска за 1,95 долари отколку на затворањето во средата и изнесуваше 93,69 долари. За речиси истиот износ падна и на американскиот пазар, каде со барелот се тргуваше за 87,57 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафтата (OPEC) објави дека барелот кошница референтна нафта на нејзините членки во средата поевтинил за 5,27 долари, на 101,04 долари.

Играчите на нафтените пазари со стравување го следат ширењето на Covid-19 во Кина. Строгите епидемиолошки мерки во втората според обемот светска економија, но и притисоците од трошоците ги придушија активностите во азиската индустрија во август, засенувајќи ги изгледите за закрепнување на регионот од последиците на пандемијата на коронавирусот, покажаа истражувања објавени во четвртокот.

Градските власти на технолошкиот центар Шензен, на југот на Кина, ги заострија мерките поради континуираното ширење на заразите, забранувајќи на три дена големи собири и забави на отворени во квартот Баоан.

Кинеската политика на нулта толеранција на Covid-19 го кочи стопанството, што значи и послаба побарувачка на енергенсите. Пазарите, исто така, ги загрижува и рекордната инфлација и најавата за агресивно зголемување на клучните каматни стапки во САД и во еврозоната за да се заузди растот на цените.

Заживувањето на договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година би значело и зголемено снабдување, бидејќи на пазарот би се овозможило враќање на иранската нафта. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во четвртокот дека се надева дека договорот би можел да постигнат наредните денови.

Членките на OPEC произведувале во август 29,6 милиони барели нафта дневна, според истражувањето на Reuters, најмногу од април 2022 година. И американското производство во јуни достигнало највисоко ниво од пролетта 2020-та, од 11,82 милиони барели дневно.

„Побарувачката на нафта на Западот, но и во Кина стагнира додека снабдувањето полека расте, најмногу благодарејќи на процутот на производството од шкрилци во САД“, коментира Норберт Рукер од швајцарската банка „Julius Baer“.