ВМРО-ДПМНЕ: Поради неспособната Влада, Македонија е во врвот меѓу европските земји според инфлацијата

inflacija
foto> Freepik Luetke Hockenbeck, Bernadette

Согласно податоците за јули, Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во регионот и Европа, тоа е резултатот на неспособната и криминална власт на СДС и ДУИ и тоа е поразително, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Повкувајќи се на официјални статистички податоци, опозицската партија предочува дека во јули во Македона е забележана просечна стапка на инфлација од 16 %, што е повисоко од инфлацијата во Србија, Црна Гора и Албанија, каде што за истиот месец вредностите изнесуваат 12,8%, 14,9% односно 7,5%.

Пониска инфлација имаат и Бугарија (14,9%), Грција (11,3%) и Хрватска (12,7%), земји членки на Европската унија од опкружувањето. Македонија има речиси двојно повисока стапка инфлација од просекот во еврозоната, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните секој ден се соочуваат со нови повисоки цени на рафтовите во магацините, а семејниот буџет го истенчија и големите поскапувања на нафтените деривати и електричната енергија. Трката со ваквите цени, платите и пензиите одамна ја изгубија, а сиромаштијата зафаќа се повеќе семејства. Едноставно народот тоне во сиромаштија, а Владата предводена од антимакедонската СДС е фрлена на лично богатење, местење на тендери и криминал“, додаваат од партијата.

Посочуваат и дека сите основни животни продукти се поскапени за 50 до 100 отсто. Според статистичките податоци, 451.900 лица живеат под прагот на сиромаштија, а според Еуростат 35 проценит од граѓаните се во ризик од сиромаштија.

Овие бројки се и повисоки, велат од ВМРО-ДПМНЕ, доколку предвид бидат земени инфлаторните движења во последните месеци.