Русија загрижена бидејќи се уште нема виза за Лавров за присуство на Генералното собрание на ОН

Москва во писмо упатено до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изразила загриженост бидејќи членовите на руската делегација предводена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров се уште не добиле американски визи за учество на Генералното собрание на светската здравствена организација, пренесува агенцијата “France Presse”.

„До 1-ви септември ниеден од 56-те руски претставници не доби виза за влез во САД, за присуство на неделата на Генералното собрание на високо ниво од 20-ти до 26-ти септември во Њујорк“, напишал рускиот амбасадор при ОН Василиј Небензја во писмото до Гутереш.

Тој навел дека истото важи и за новинарите и членовите на екипажот на авионот со кој би требало да патува рускиот министер.

„Ова не загрижува затоа што во последните месеци американските власти постојано одбиваа да издадат визи за еден број руски делегати кои требаше да учествуваат на официјални настани во ОН“, стои во писмото во кое САД се повикуваат да ги почитуваат своите правни обврски и брзо да ги одобрат бараните визи.

Според договорот од 1947-ма година меѓу САД и ОН, Америка не треба да го спречува транзитот на претставниците на земјите членки кон седиштето на ОН.

Во февруари оваа година, кратко по почетокот на руската инвазија на Украина, САД им вовеле санкции на рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров , во кои е наведена и забрана за влез на нејзина територија.

„САД сериозно ги сфаќаат своите обврски како земја домаќин на ОН“, рекол портпаролот на Стејт Департментот за “France Presse” и додал дека процесот за издавање на визи е доверлив и дека не може да се зборува за поединечни случаи.

Портпаролотката на генералниот секретар на ОН рекла дека е во близок контакт со САД околу прописите од договорот од 1947-ма година.