Светиот синод на Бугарската православна црква соопшти дека поради влошување на неговите хронични болести, неговата светост бугарскиот патријарх и митрополит Софиски Неофит е примен на дијагноза и лекување во болницата „Софијамед“.
Бугарските медиуми го цитираат соопштението во кое се повикуваат свештениците, епископите и верниците во Бугарија да се молат за брзо заздравување на неговата светост, како и да ги прифатат како веродостојни информациите објавени само од Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија.
Медиумите потсетуваат дека во мај годинава патријархот бил итно примен во истата болница по несреќата во која ја скрши ногата. Тогаш мина две седмици во софиската медицинска установа.
Неофит за поглавар на Бугарската православна црква беше избран на 24 февруари 2013 година, претходно беше митрополит на Русе, а за време на расколот беше главен секретар на Светиот синод.