За увоз на струја Албанија досега потрошила 305 милиони евра

Енергетската криза силно ја погоди Албанија, која произведува електрична енергија само преку хидроелектрани, па поради долготрајната неповолна хидролошка состојба земјата е принудена да увезува многу поголеми количини струја, споредено со минатата година.

Во изминатите осум месеци од годинава државната електрокорпорација, КЕШ, за задоволување на потребите увезла струја во вредност од 305 милиони евра, наспроти 285 милиони евра за цела 2021 година.

Состојбата не изгледа оптимистичка во услови кога зимата е близу, а потребите за енергија растат. Сумата за увоз ќе биде уште поголема доколку има недостиг од врнежи. Ако продолжи високата цена на струјата на пазарот, најоптимистички износ кој ќе треба Владата да го издвои е околу 600 милиони евра, објавија албански медиуми.

Нивото на хидроцентралата „Фиерза“, најголема на реката Дрим, и втора по големина на Балканот, е на од околу 270 метри, што е под историскиот просек, додека енергетската резерва е 499 мегаватчасови.

Албанското Министерство за енергетика пред неколку дена почна кампања на социјалните мрежи за подигање на свеста за заштеда на енергија.