Неоходно е постигнување договор со соседна Бугарија кој нема да има асимилаторски одредби во однос на македонскиот идентитет, оцени во вторникот челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предупредувајќи ја актуелната Влада да не се осмелува да ја опструира постапкатa за распишување референдум во врска со поништувањето на веќе постигнатиот договор, кој опозицијата го оценува како исклучително штетен и уценувачки.
„Сѐ додека не биде напуштен Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи никакви уставни измени“, дециден беше Мицкоски на брифинг со новинарит.
Истакна дека партијата не е против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но потенцираше дека договорот е асимилаторски и треба да биден напуштен.
Мицкоски ги информираше новинарите дека иницијативата на ВРМО-ДПМНЕ има поддршка од сите коалициски партнери, меѓутоа, како што истакна, и од бројни јавни и општествени истакнати личности во македонското општество.
„Утре во 12 часот во Државната изборна комисија ќе биде поднесена неопходната документација за отпочнување на постапката за спроведување на референдумот“, рече Мицкоски нагласувајќи дека првичните процени се дека плебисцитот на македонските избирачи би се одржал напролет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дополни, исто така, дека би било одлично доколку референдумот се совпадне со одржување на предвредемните парламентарни избори следната пролет, на што подолг период инсистира опозицијата поради, како што оцени, катастрофалниот пристап на актуелната власт со низата кризи во кои со своето неработењо ја довела земјата.
„Имав стотици состаноци со пратеници, експерти и професори за референдумот и референдумското прашање. Референдумот ќе биде обврзувачки, бидејќи би било крајно несериозна работа доколку би бил спроведен само како консултативен“, рече Мицкоски.
Кога станува збор за формулацијата на референдумското прашање, Мицкоски рече дека таа мора да го содржи терминот „НАПУШТАЊЕ“ на договорот, бидејќи самиот договор предвивува можност за истапување од него на едната страна.
Најважно во моментов е, продолжи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во моментов да има семакедонско обединување, но и поддршка од сите македонски граѓани, посочувајќи дека лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети „одлучил да направи пакт со Софија против своите сограѓани Македонци“.
Ја повтори оценката дека веќе потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија претставува „враќање во средниот век“ и оти е извор на сите настанати проблеми во односите со Софија. Притоа Мицкоски забележа дека нема никаков резултат и од бројните ветувања „на сѐ и сешто“ од многуте европски политичари кои ги третираа односите меѓу двете земји.
ВМРО-ДПМНЕ синоќа го објави референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“. Потписите ќе почнат да се собираат утре напладне, а според најавите на Мицкоски први на листите ќе бидат потпишани пратениците од ВМРО ДПМНЕ. За да има референдум треба да се соберат 150.000 потписи и да помине собраниската процедура.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ верува дека ќе нема опструкција во Собранието и оти иницијативата ќе помине таму. Очекувањата се дека референдумот би се одржал напролет, а за тој да биде успешен потребни се 910.000 гласови. За да успее референдумот тој апелира и бара поддршка за македонскиот народ од нивните соседи Албанци, Роми, Турци…
„Ова е најголемиот тест за македонскиот народ во поновата историја“, рече тој, барајќи поддршка од припадниците на другите заедници на референдумот. Но, повторно нагласи и на важноста од семакедонско обединување.
Мицкоски го повтори ставот дека со Договорот за пријателство со Бугарија е нападнат македонскиот идентитет и дека нашиот напредок во преговорите со ЕУ ќе зависи од преговорите на историската комисија.
„Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед“, праша Мицкоски и додава дека „тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и Македонците“.
Доколку референдумот е успешен и треба да се напушти Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека може да се преговара за нов договор, но и дека преговорите со ЕУ може да продолжат.