Путин ги следеше заедничките маневри на Русија, Кина и Индија на рускиот Далечен исток

Рускиот претседател Владимир Путин, придружуван од министерот за одбрана Сергеј Шојгу, во вторникот ја следеше големата воена вежба „Васток“ (Исток) на Далечниот исток на Русија, во која учествуваат и единици од Кина и од Индија.

Воениот канал Звезда објави снимка на Путин и Шојгу во воени борбени јакни како во добро расположение ги слушаат информациите меѓу заменикот на Шојгу и началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов.

Според руските медиуми, Путин одржал претходно затворен состанок со врвот на министерството за одбрана и на армијата, на кој бил информиран за ситуацијата на боиштето во украинската источна област Донбас.

На Западот овие вежби ги доживуваат како порака на Москва дека руската војска иако води шестмесечна тешка војна во Украина е способна да функционира најнормално и на високо ниво на готовност. Меѓутоа, на Западот се помалку расположени да го коментираат учеството на единиците на војските на двете најголеми нации и нуклеарни сили во индо-пацифичкиот регион.

Руското министерство за одбрана наведе дека на воените вежби кои започнаа на 1-ви септември учествуваат 50.000 руски војници, за разлика од 300.000 кои учествувале во 2018 година. Вообичаено, западните аналитичари велат дека веруваат оти и двете бројки се претерани.

Руското министерство за одбрана во вторникот објави и видео од дел од поморските вежби со учество на бродовите на Пацифичката флота кои лансираат крстосувачки хиперсонични проектили „Калибр“, додавајќи дека е успешно погодена цел и на помало растојание од околу 300 километри.

Руските и кинеските воени бродови во понеделникот увежбувале одбивање непријателски воздушни напади со артилериски системи на противвоздушната одбрана. Минатата седмица, пак, воените бродови на двете земји извеле противбродски, противвоздушни и противподморнички одбранбени задачи во Јапонското Море, соопшти руското министерство за одбрана.

Индија на вежбите во Русија испрати воен контингент за кој наведува дека учествува во „заедничките вежби за теренска обука, борбени дејствија и вежби со огнена моќ“.

Русија, инаку, е најголемиот добавувач за воена опрема за Индија, којашто им се придружи на воените маневри откако САД изразија загриженост од тоа која и да е земја да учествува во моментов во воени активности со Русија.

Воените маневри „Васток“ ги вклучуваат и воените контингенти и воени набљудувачи од Алжир, Лаос, Монголија, Никарагва, Сирија и шесте поранешни советски централноазиски републики, соопшти руското министерство за одбрана.