„Спартанско“ претседавање на Грција со ЕУ

Грција од Нова година го презема шестмесечното претседавање со Европската унија со скромен буџет и уште поскромни очекувања.

Свесни дека многумина во ЕУ ги гледаат како нација која поради презадолженоста, расипништвото и корупцијата, ги повлекла и останатите земји во економската и финансиска криза, Грците ветиле дека нивното претседавање ќе биде „спартанско“.

Атина за трошоците на своето раководење одредила рекордно низок буџет од само 50 милиони евра, 10 милиони помалку од Ирска, која со Унијата претседавала во првата половина од оваа година.

За да се докажат сериозните намери, премиерот Антонис Самарас неодамна го отпушти шефот на протоколот на претседавање, кога било утврдено дека тој планирал да потроши дури 125.000 евра на свилени вратоврски кои во вид на подароци сакал да им ги подари на европските функционери и дипломати во текот на инаугуарацијата.

Драстично е намален бројот на службеници во грчката мисија при ЕУ, со воведување на забрани за вработување на нови, па дури и ангажирање на работници по договор.