Поплавите во Пакистан ги оштетиле 5.000 години старите остатоци од мистериозен древен град

Во Пакистан кој е погоден од големите поплави, каде сезоната на монсуните без преседан усмрти стотици луѓе, обилните дождови сега му се закануваат на познатата археолошка локација, стара речиси 5.000 години, предупредуваат археолозите.

Остатоците на Мохенџо-Даро, или Ридот на мртвите, кои се наоѓаат во јужната пакистанска покраина Синд, близу реката Инд и се дел од светското културно наследство на УНЕСКО, се меѓу најдобро зачуваните древни урбани населби во јужна Азија. Откриени се во 1922 година, а исчезнувањето на тамошната цивилизација која постоела во исто време со древните Египет и Месопотамија, сѐ уште е неразјаснета мистерија.

Надојдените води на Инд опустошија веќе големи делови од Пакистан, при што смртно настрадаа 1.343 луѓе, а милиони останаа без своите домови.

Иако неодамнешните поплави директно не го погодија Мохенџо-Даро, рекордното количество врнежи нанело голема штета на остатоците од древниот град, вели главниот кустос на локациите Ахсан Абаси.

Открива дека „поради монсунските дождови се урнале неколку високи ѕидови, изградени пред речиси 5.000 години“. Вели и дека работниците започнале со реконструкцијата на оштетените делови под надзор на археолозите, но не може да процени колку ќе чинат поправките.

Абаси вели дека главниот споменик на будистичката сакрална архитектура, позната како „будистичка ступа, односно голема хемисферна структура поврзана со богослужби, медитација или погреби не е оштетена. Меѓутоа, обилните дождови оштетиле некои надворешни, но не и поголемите ѕидови кои ги одвојуваат засебните простории или комори.

Абаси додава и дека древната цивилизација во Мхохенџо-Даро, изградила разработен систем за одводнување.