
По повод Денот на независноста, премиерот Димитар Ковачевски упати честитка до сите граѓанки и граѓани во државата, со порака дека обединети во слободата треба да ги продолжиме перспективите, затоа што историјата нѐ учи дека за секој важен чекор напред, е потребно обединување.
– Го дочекуваме овој голем државен празник, обединети во едно, заедничко општество дома, како достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија на меѓународен план. Интеграциите се битката на нашата генерација. И затоа повикувам обединети во слободата да ги продолжиме перспективите. Историјата учи дека за секој важен чекор напред е потребно обединување. Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, и сите други, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките и политичките различности, одлучија да живеат во независна држава. Генерациите од тие 90-ти години мудро ја извлекле поуката од илинденците и асномците, кои се обединиле во борбата – за слободата и државноста – вели премиерот Ковачевски по повод Денот на независноста.
Ова е пример, истакнува Ковачевски, покажува колку е важно заедништвото и што значи да се има мудро, храбро и прогресивно политичко лидерство, посветено на напредокот на граѓаните и на државата.
– Денес, исправени пред последиците од пандемијата и војната во Украина со коишто се соочува целиот свет, а тоа се безбедноста и достапноста до храна и енергија, можеме да констатираме дека ние, три значајни чекори направивме навреме. Станавме дел од НАТО и ја осигуравме државата, во најголемиот безбедносен сојуз, каде земјите членки солидарно се штитат меѓу себе. Ги започнавме преговорите со Европската унија гордо и со крената глава, за на истата маса, однатре да ги браниме јасно и гласно и понатаму нашите позиции. Ја основавме, заедно со Србија и Албанија, иницијативата Отворен Балкан, преку којашто осигуравме сериозно подобрување на регионалната соработка, но и развој на нашите економии со шанси за нови придобивки за граѓаните и компаниите – нагласува Ковачевски.