Бектеши: Маржата за трговија со струја ограничена на 10%, крајниот снабдувач ќе наплаќа 20% маржа наместо 50% според правилникот на РКЕ

На предлог на Министерството за економија на денешната 80-та седница Владата донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделна стока, според која  се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата на пазарот со електрична енергија.

Како што денеска на прес-конференција информираше министерот за економија Крешник Бектеши, највисоката трговска маржа на електричната енергија за сите трговски друштва и трговци поединци кои вршат трговија на пазарот со електрична енергија на големо и на мало се утврдува во висина најмногу до 10%.

Трговската маржа за учесниците на пазарот на електрична енергија ќе се пресметува на просечната цена на електрична енергија за МWh од Унгарската берза за електрична енергија (HUPX) на дневно односно часовно ниво, на цената на електрична енергија за МWh во билатералните договори и цената на електрична енергија за МWh во договорите за снабдување со електрична енергија. А оваа одлука ќе се применува до 15 април следната година” кажа министерот.