Досега отворениот принц како кралот Чарлс Трети можеби ќе мора да си го прегризува јазикот

Во текот на долгото очекување да го преземе кралскиот престол, британскиот крал Чарлс Трети се истакнуваше со своите отворени ставови за сѐ, од климатските промени до архитектурата, но сега како монарх би можел да се обиде своите адути да ги држи сокриени.

Некои го исмејуваат досегашниот принц Чарлс поради неговите ставови и го обвинуваа дека се меша во политичките и општествените прашања коишто можеби и не треба да го тангираат, но тој секогаш веруваше дека би требало да го изрази своето мислење за прашањата за коишто смета дека се важни за Британците.

Сепак, беше свесен дека да се биде престолонаследник и да се биде монарх се две многу различни улоги. Во телевизискиот документарен филм по повод 70-от роденден, во 2018 година тогашниот принц Чарлс се обиде да ги примири стравувањата дека ќе ја искористи својата позиција за промовирање на целите коишто ги преферира.

„Идејата дека ќе продолжам на сосема ист начин… е потполна бесмислица, бидејќи двете ситуации се потполно различни“, изјави тогаш и додаде дека неговата јавна кампања, кога ќе стане крал, нема да продолжи.

Но таа промена, можеби, и не е толку едноставна. Со години принцот се наоѓаше во расчекорот меѓу традиционалниот стил на владеење до коешто се придржуваше неговата мајка кралицата Елизабета Втора крај којашто се воспитуваше, и помодерната и попристапната верзија којашто ја заговара неговиот син и наследник, принцот Вилијам.

Новинарката Катрин Мејер во биографијата од 2015 година наведе дека неговата страст кон некои прашања, особено во заштитата на природната средина, предизвикала вознемиреност во Бакингемската палата, како и кај самата кралица.

Според британскиот непишан устав, кралското семејство би требало да е над политиката, што кралицата Елизабета Втора го почитуваше и го задржуваше своето мислење за себеси во текот на долгогодишното владеење.

„Немам поим каква е нејзината вистинска политика, а бев премиер десет години“, изјави своевремено Тони Блер, кој беше британски премиер од 1997 до 2007 година.

Пред своето време

Приврзаниците на Чарлс Трети велат дека тој е човек пред своето време, кој длабоко промислува за некои важни прашања и сака да ја искористи својата улога за да ги истакне. Критичарите, пак, наведуваат дека поради неговата позиција луѓето угодувале на неговите ставови, иако со некои од нив не се согласувале.

Кралот и самиот призна своевремено дека изнесувањето на идеите, како на пример оние за климатските промени со децении пред светските челници тоа да го стават во центарот на вниманието, ги навело некои да го обвинат дека е „идиот“.

Едно од неговите најголеми лични достигнувања беше основањето на Prince’s Trust, добротворната организација за помош на младите Британци во стекнувањето вештини и во обуката за наоѓање или започнување работа. Основа во текот на растечката невработеност, тој систем им помогнал на повеќе од милион луѓе, а самиот Чарлс тогаш изјави дека би било неодговорно да бидат пренабрегнати таквите прашања.

Сегашниот крал зборуваше и за архитектурата, противејќи се на некои идеи во рамките на градителството и отворено неприфаќајќи го дизајнот на многу модерни зданија. Проширувањето на лондонската Национална галерија во 1984 година ја опиша како „монструозна“ интервенција „на ликот на воениот и елегантен пријател“. Своите традиционални начела во урбанизмот во практиката ги спроведе во Паундбер, урбаното продолжување на средновековниот град Дорчестер во југозападна Англија, на 400 хектари во сопственост на неговото Војводство од Корнвол.

Надрилекарство

Во јавноста беше исмевано и заговарањето на Чарлс на алтернативните лекови и медицински терапии.

„Принцот Чарлс придонесува за лошото здравје на нацијата, претворајќи се дека сите можеме претерано да уживаме, а потоа да ја земеме неговата тинктура и повторно да бидеме добри“, изјави во 2009 година Едзард Ернст, поранешен професор на Универзитетот Екстер обвинувајќи го за „отворено надрилекарство“.

Но, неговата главна преокупација беше страста кон еколошките прашања и органските земјоделски производи, како и основање на брендот „Duchy Originals“ за промовирање на органската храна.

Заговараше и одржливост и последните години предупредуваше дека проблемите предизвикани со климатските промени ги поттикнуваат војните, тероризмот и масовните миграции.

Чарлс и самиот признаваше дека неговите ставови предизвикуваат контроверзии.

„Се чинеше и дека многумина мислат дека само скокам од една тема на друга, од архитектурата на земјоделието, па на следното. Она што всушност се обидував да покажам е сите тие теми целосно се меѓусебно поврзани и дека мораме да ја согледаме целата слика да ги разбереме проблемите со кои се соочуваме“, појасни своевремено во едно интервју Чарлс.

Како да се престане да се биде бунтовник

Но, не само неговите ставови предизвикуваа загриженост, туку и неговите обиди да покрене некои прашања кај тогашните влади. Во 2013 година беше откриено дека во текот на претходните три години одржал дури 36 состаноци со владините министри.

Темите се движеле од пристапното рурално живеење, квалитетите на храната во болниците и зачувувањето на историските згради до ресурсите за британските трупи во Ирак и судбината на патагонскиот забар (црн ослич).

Во јуни оваа година предизвика остра реакција на министрите, откако беше објавено дека ја критикувал владината политика на испраќање на барателите на азил во разорената африканска земја Руанда.

„Принцот Чарлс е украс на нашиот јавен живот, но тоа ќе престане да биде шармантно доколку се обиде да се однесува на ист начин кога ќе биде крал“, изјавил за весникот „Times“ неименуван влијателен министер додавајќи дека тоа „ќе постави сериозни уставни прашања“.

Во 2014 година тогашниот принц Чарлс предизвика дипломатски судир кога во јавноста беа објавени приватни коментари во кој наводно го споредил рускиот претседател Владимир Путин со германскиот нацистички водач Адолф Хитлер, откако по превратот во Киев поддржан од Лондон мнозински рускиот црноморски полуостров Крим преку референдум се реши да си ја врати укинатата автономија во 1991 година, по осамостојувањето на Украина и да се врати во составот на Русија од која е изваден во 1954 година. Западот тоа го смета за нелегална руска анексија на украинска територија.

„Тој има свои погледи на светот и сака да ги наметне, па на сите начини не сака да се прилагоди на очекувањата, што го прави бунтовник. Мислам дека монархијата ќе биде во опасност доколку биде крал бунтовник“, вели Тон Боуер, авто на биографијата на новиот крал Чарлс Трети.

Во својата нова улога, кралот ќе одржува седмични приватни аудиенции со шефот на британската влада, во моментов премиерката Лиз Трас, на кои ќе разговара за владините прашања.

Република, групација којашто се залага за укинување на монархијата, објави дека има едноставна порака за новиот крал: „Доколку Чарлс сака да биде вклучен во политиката, нека се кандидира на избори“.

Неговиот поранешен приватен секретар Вилијам Нај вели дека новиот крал ќе ги следи примерите на својата мајка Елизабета Втора и на дедо му Џорџ Шести, потпирајќи се на сопствените искуства. Меѓутоа, самиот крал Чарлс Трети сугерираше дека постојат некои прашања за коишто ќе одбие да молчи.