
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Кавдарци одговараше и на прашање поврзано со енергетската криза, односно дали се можни рестрикции затоа што се најавуваа, и потенцираше дека од оваа власт сѐ може да се очекува затоа што тие целосно го заборавија стопанството и граѓаните.
-Едно знам, дека многу пари ќе ни требаат. Најпрвин најавуваа од Владата дека ќе им требаат 150 милиони евра за да ја поминеме годината и да ја совладаме енергетската криза. После состанокот кај Пендаровски што не знам за што беше одржан, излегоа со бројка од 300 милиони. Јас ви велам 500 милиони можеби ќе бидат малку, зошто? Затоа што тие го забораваат стопанството, тие гледаат само тоа што нив ги интересира, забораваат на локаните единици на управување кои имаат екстремно големи трошкови. До мене е и градоначалникот на Прилеп, директно можеме да посведочиме за огромни тешкотии во работењето на комуналните претпријатија, поради високите сметки на струја. Кај нив само сметката за струја е 30 проценти над вкупниот приход за месец јули, август и септември. Значи, само сметката за струја, не зборувам за трошоците кои што се поврзани со оперативното работење на комуналните претпријатија и на водоводот. Замислете ако вие имате сметка за струја која 20, 30,40 проценти го надминува приходот на вашето претпријатие, а владата ве остава на милост и немилост, што треба да направите?, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека власта не мислеше ниту на стопанството, ниту на граѓаните односно работеа неодговорно и недомаќински и само договараат и крадеа тендери во четири очи.
-Слушаме дека следно ќе биде зголемување на комуналните услуги и водата, повторно ќе удираме по џебот на граѓаните и по стандардот на граѓаните. Затоа велам тие ги гледаат само директните последици. Половина милијарда можеби ќе биде малку и сето тоа е резултат на неодговорното работење и недомаќинско работење, не произведуваа кога требаше да произведуваат и да се организираат, тие крадеа, договараа тендери во четири очи, кој ќе го врши превозот на увезениот јаглен, кој ќе го прави ископот во четири очи, кој ќе го вози мазутот до ТЕЦ Неготино и до Битола и Кичево. Тоа е суштината, тие тука гледаа колкава да биде провизијата, не гледаа како да ја поминеме зимата, иако предупредувавме една година претходно. Можам да сумирам дека состојбата е алармантна и доколку нема обид од страна на Владата да се корегира, сѐ е можно, додаде Мицкоски.