
Партиите од левиот центар се на патот да освојат тесно мнозинство во парламентот на Шведска, покажуваат излезните анкети по изборите во неделата, што значи дека премиерката Магдалена Андерсон веројатно ќе добие уште еден мандат.
Според излезната анкета којашто ја спровела јавната телевизија SVT, блокот на левиот центар добива 49,8 отсто од гласовите, а опозициските десничарски парти 49,2 отсто. Анкетата на телевизијата TV4, исто така, покажува тесно водство на левиот центар, но агенцијата Reuters наведува дека излезните анкети понекогаш многу се разликуваат од конечните резултати.
Со континуираното зголемување на бројот на престрелките меѓу ривалските гангстерски банди што ги вознемирува гласачите, партиите во кампањата се пресметуваа со ветувањата дека силно ќе се борат против криминалот, додека растечката инфлација и енергетската криза сѐ повеќе станува централна политичка тема.
На прашањето на безбедноста би можела да профитира десницата, но економските проблеми и вртоглаво високите цени на енергијата би можело да ѝ дадат поткрепа на премиерката Андерсон.
„Мојата порака е јасна: во текот на пандемијата (на коронавирусот) ги поддржавме шведските компании и домаќинствата. Повторно ќе постапиме на потполно ист начин доколку ја добијам вашата доверба“, изјави Андерсон претходно седмицава во една од завршните дебати пред гласањето.
Андерсон повеќе години беше министерка за финансии а пред една година стана премиерка на Шведска. Нејзиниот главен противкандидат е лидерот на конзервативна Умерена партија, Уфе Кристерсон, кој се гледа себеси како единствениот кој може да ја обедини десницата и да ја собори Андерсон од власт. Кристенсон со години ги јакнеше односите со Шведските демократи, крајно десната противмигрантска партија која порано ја избегнуваа сите партии, но сега сѐ повеќе станува дел од главната струја во десницата.
„Ќе им дадеме приоритет на законот и редот, трудот ќе го направиме попрофитабилен, и ќе изградиме нови климатски неутрални нуклеарни централи. Едноставно речено, сакале да ја средиме Шведска“, порача Кристенрсон.