Мицкоски за Арсовска: Патиштата на луѓето може и да се раздвојат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција рече дека во животот не секогаш се исполнуваат очекувањата. Во однос на соработката и поддршката на градоначалничката Арсовска, Мицкоски додаде дека понекогаш патиштата на луѓето може и да се раздвојат.

„За мене е важно Скопје да се развива и затоа поддржавме независен кандидат и во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исти како што сте ги имале тие очекувања, а потоа едноставно патиштата можат да одат во различни насоки во животот“, изјави Мицкоски.

Oдговарајќи на новинарски прашања, тој ги коментираше и причините за разрешувањето на директорот на „Водовод и канализација“ Златко Перински и на генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски велејќи дека апсолутно ги поддржува и не верува во обвинувањата за несовесно работење во врска со тендер за пречистителна станица.

„И Ѓоко Велковски и Златко Перински имаат моја апсолутна недвосмислена поддршка бидејќи верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие секако остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и мои лични и во иднина. Што се однесува до Перински, можам да кажам дека тој постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето, во првиот квартал има зголемена добивка споредено со минатата година, за 50 милиони денари поголема наплата. Тоа се резултати кои се навистина за почит. Јас би само посакал да имам таков работник, но за жал некој не успева да ги искористи нивните капацитети – рече Мицкоски.

За конкретниот тендер за пречистителна станица вреден 136 милиони евра, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека станува збор за набавка од 2019 година кога градоначалник беше Петре Шилегов и оти тоа е проект финансиран од Светската банка и Европската инвестициска банка зад која стои државата и огромна компонента на грант и кредит, па затоа не верува дека некој е толку моќен да влијае во овие две меѓународни институции.

„Од тоа што знам е дека од страна на финансиерот, Светска банка и Европската инвестициска банка, сите документи се доставени без приговор. Е сега ако некој може и има толкава моќ да влијае и врз Светската и врз Европската инвестициска банка, тогаш јас би му честитал јавно ако е толку моќен. Јас во името на овие луѓе не гледам таков човек кој може така да влијае. Ова е сериозен проект и апелирам до новиот директор овој проект да го заврши затоа што е битен за скопјани, затоа што Скопје за жал е град кој сè уште нема прочистување на отпадните води и затоа имаме чувство на реа, миризба од реката Вардар, и затоа што, како што јас сум информиран, тоа е проект кој е поврзан со евроинтегративните процеси“, рече Мицкоски.