Американскиот режисер Џејмс Камерон започна со работата на четвртиот дел од филмската франшиза „Аватар“, објави порталот Comicbook.
Обраќајќи се преку видео-линк на изложбата на компанијата „Disney“ под наслов D23 Expo 2022, Камерон рекол дека паралелно со снимањето на четвртото дел продолжува и процесот на снимање на „Аватар 3“, додека „Аватар 2“ е во постпродукција. Премиерата на вториот дел се очекува во декември годинава, а следните продолженија ќе се појавуваат на секои две години.
„Многу сум среќен што конечно ја завршувам работата на вториот филм. Знам дека сите го очекуваа долго време“, рекол режисерот.
Премиерата на првиот дел од филмската епопеја се одржа во 2009 година. Филмот ја оствари најголемата заработка во историјата на кинематографијата, а беше награден со Оскар во категориите „Најдобар продукциски дизајн“, „Најдобра фотографија“ и „Најдобри визуелни ефекти“.