Единбург: Уапсени три лица поради нарушување на јавниот ред на процесијата со ковчегот со кралицата

Шкотската полиција објави дека уапсила три лица во главниот град Единбург поради нарушување на јавниот ред и мирот во неделата и понеделникот, додека ковчегот со кралицата Елизабета Втора минувал низ градот.

Британската кралица Елизабета Втора почина во четвртокот 8-ми септември во нејзината летан резиденција дворецот Балморал во шкотските планини, на возраст од 96 години откако стана најдолговечниот британски монарх кој на престолот остана 70 години и 7 месеци.

Стотици илјади граѓани излегоа на улиците следејќи го патувањето на возилото со ковчегот на кралицата на патот низ Шкотска, главно проследено со солзи, ракоплескања или траорна штама.

За нарушување на јавниот ред обвинети се 22-годишна жена која држела антимонархистички транспарент и 74-годишен маж, кои биле уапсени во два одделни случаи.

Третото лице, 22-годишен маж уапсен е во понеделникот на рутата на процесијата по која требало да мине возилото со ковчегот на кралицата низ шкотската престолнина Единбург, допрва треба да биде обвинет. Засега не се познати причините за неговото апсење.

Во понеделникот беше објавена снимка на возилото со ковчегот, по кое одеа децата на кралицата Елизабета Втора, при што еден демонстрант му дофрла навреда на принцот Ендрју, пред од гужвата да го извлече друг маж. Потоа полицијата го издвои од масата.

Одвоено 45-годишен маж е приведен во Оксфорд во Англија, по предизвикување безредие во текот на свеченоста на прогласувањето на кралот Чарлс Трети, соопшти полицијата на округот на долината на Темза. Медиумите известуваат дека извикувал „Кој него го избра?“ додека бил читан прогласот.