Околу сто вработени во Јавното претпријатие „Водовод’ остануваат на улица, затоа што градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. не сака да им ги продолжи договорите кои им истекуваат во петок, објави порталот Курир.
Нетпрес побара коментар од Градот во однос на овие масовни отпуштања, но, одговор не добивме сѐ уште. Инаку, комуникацијата со градската власт е отежната со оглед на тоа што градоначалничката нема официјален портпарол.
Ваквата одлука на Арсовска, доаѓа откако таа го разреши директорот на ЈП „Водовод“ од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, затоа што не постапил по нејзиното барање да влијае на тендерот од над сто милиони евра за изградба на пречистителна станица во Скопје.
Станицата е финансирана со европски пари, па вчера Перински доби поддршка од Европската Инвестициска Банка. Потегот на Арсовска да не ги продолжи договорите на вработените, во кулуарите на компанијата го коментираат како реваншизам.