3.8 C
Skopje
среда, декември 25, 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Ерменија, Армен Једигаријан

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Ерменија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Армен Једигаријан.

Претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивни писма истакна дека по воспоставувањето дипломатски односи меѓу Ерменија и Северна Македонија во 2019 година, потенцијалот да се развиваат и унапредуваат билатералните односи е значително зголемен.

Тој потенцираше дека именувањето на амбасадорот Једигариан на оваа одговорна должност се гледа како израз на заложбата на Република Ерменија за унапредување на билатералните односи во периодот што претстои. Претседателот Пендаровски изрази надеж дека амбасадорот со неговиот ангажман и професионално искуство ќе даде придонес во изнаоѓањето нови форми за содржинско збогатување на односите, особено во доменот на економијата, јакнењето на трговската размена, културата, образованието, науката, туризмот, технологијата, како и во сите други сфери од заеднички интерес.

 

Нагласувајќи дека му претставува особена чест и задоволство што е првиот амбасадор на Ерменија во Северна Македонија, амбасадорот Једигаријан оддаде признание за улогата на малата, но динамична ерменска заедница во Северна Македонија, во зближувањето на двете држави и народи.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Армен Једигаријан му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.