
Поворката на Европрајд за наводна одбрана на правата на LGBTQ+ заедницата во Србија со бројни учесници дојдени во Белград од странство, започна со музика и по дожд во српската престолнина по 17,30 часот во саботата, по неизвесноста околу нејзиното одржување и притисоците за нејзино одржување врз српските власти од Европската унија и дваесеттина амбасадори.
Бројни полициски сили се распоредени поради обезбедување на поворката. Еден од организаторите на „Европрајд 2022“ за кој беше одредено годинава цела седмица да биде одбележувана во Белград, Горан Милетиќ, изјави дека Министерството за внатрешни работи на Србија во текот на попладнето во сабота околу 17 часот го одобрило одржувањето на поворката, пренесе агенцијата Бета.
Милетиќ за агенцијата изјавил дека одобрувањето е дадено за поворката, но со новото упатство на делницата од Уставниот суд до Ташмандајн во Белград, каде ќе се одржи концерт, а не од Народната скупштина (парламент) до Калемегдан, рутата забранета пред неколку дена.
Во саботата Европското прајд здружение (EPOA) објави дека после повеќе седмици интензивен меѓународен притисок врз премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и самата припадничка на таа заедница, изјавила дека поворката во рамките на Европрајд, закажана за 17 часот, може да се одржи.
Организаторите на поворката објавија и дека на илјадници активисти на трасата на поворката, им се приклучиле многу западни дипломати, пратеници од Европскиот парламент, како и други европски и меѓународни функционери.
Според белградски медиуми, дозволата за одржување на поворката следела по преговорите со српската премиерка Ана Брнабиќ во кои лично се ангажирала и еврокомесарката за рамноправноста Хелена Дали, која допатувала во Белград. Брнабиќ притоа гарантирала безбедност во текот на одржувањето на Европрајдот. Таа лично нема да присуства, но во поворката е партнерката со којашто живее, информираат медиумите.
Во центарот на Белград во близина на српскиот парламент претходно во саботата се случи инцидент, кога противниците на Европрајдот се судрија со полицијата, а притоа е приведено 31 лице. Полицијата ја потиснала помалата група граѓани, од кои некои носеле верски обележја. Неколку противници на поворката доцна попладнето се пробиле до учесниците во поворката и го газеле LGBT знамето.
Регионалната N1 телевизија објави дека нејзиниот снимател бил гаѓан со шише од страна на противниците на поворката. Агенцијата Танјуг, пак, извести дека биле нападнати и нејзините репортери.
Вишето јавно обвинителство во Белград наредило задржување на 48 часа на сите лица кои учествувале во нападите врз новинарите кои известувале од Европрајдот.
Пред неколку дена српското Министерство за внатрешни работи го забрани одржување на поворките и на поддржувачите на Европрајдот и на неговите противници, поради опасност од судири меѓу двете групи, како и поради општата безбедносна состојба во земјата, имајќи ги предвид тензиите со самопрогласената поранешна јужна покраина Косово и Метохија.
Во истиот контекст пред три седмици српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека поради безбедносната ситуација Европрајдот ќе биде одложен или откажан., што веднаш наиде на критики од функционерите од САД и ЕУ.