Путин порача дека Русија ќе ја продлабочува соработката со Србија

Русија ќе продолжи да ја продлабочува соработката со Србија и ќе ја поддржува нејзината територијална целост, изјави во вторникот рускиот претседател Владимир Путин на церемонијата на врачување на агреманите на амбасадорите во Москва, додавајќи дека редовно разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Русија и Србија ги поврзува стратешкото партнерство потпирајќи се на традицијата на пријателството, културната, духовната и историската блискост на нашите братски народи. Редовно разговарам со претседателот Вучиќ, во текот на директните состаноци и телефонски разговори, за клучните прашање на натамошниот развој на соработката“, изјавил Путин кого го цитира информативниот портал Sputnik.

Путин, исто така, истакнал дека Русија ќе продолжи да ја поддржува Србија во заштитата на нејзиниот суверенитет и територијална целост.

„Во рамките на меѓународното право, потпирајќи се на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при ОН, ќе продолжиме да им пружаме на напите српски пријатели сестрана помош во борбата за легитимните права и интереси на Србија, заштитата на нејзиниот државен суверенитет и територијален интегритет“ порачал Путин.

На свеченоста присуствувал и амбасадорот на Србија во Москва, Момчило Бабиќ, наведува Sputnik.

Србија на меѓународната сцена води независна и вонблоковска политика, во Обединетите нации се приклучи на земјите кои ја осудија руската инвазија во Украина и ги истакнува стратешките определи за членство во Европската унија, но истовремено не сака да ги наруши традиционалните пријателства со Кина и со Русија од која добива енергенси по поволни цени, поради што трпи константни притисоци од Западот, вклучително и во однос со нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија која еднострано во 2008 година прогласи независност со западна поддршка.