Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Економските критериуми, рече дека со формалното интегрирање на економските критериуми во кластерот Темели, исполнувањето на Копенхашките економски критериуми ќе биде меѓу главните политички приоритети во текот на пристапните преговори.
-Ако се има предвид важноста на кластерот Темели за динамиката на целиот преговарачки процес, тогаш е сосема јасно дека економските критериуми ќе бидат меѓу клучните области што ќе го одредуваат целокупното темпо на преговорите, рече Маричиќ на состанокот.
Според главниот преговарач, формалното интегрирање на Економските критериуми во кластерот Темели само ја нагласува важноста на економското управување и потребата од негово зајакнување со цел да се избегне ризикот на земјата да има макроекономска нерамнотежа по влезот во ЕУ.
Во своето обраќање, вицепремиерот Маричиќ се осврна и на досега сработеното, потенцирајќи дека Северна Македонија досега има поднесено осум Програми за економски реформи, а според оценките на Европската комисија, има подобрување на квалитетот и на документите во целост и на економскиот дијалог.
-Ова ги одразува постојаните напори што ги вложуваме за зајакнување на нашите институционални капацитети за подобра координација на економските политики и подготовка за идното учество во процесот на Европскиот семестар, истакна Маричиќ.
Новата методологија за проширување на ЕУ од 2020 година, за прв пат ги става економските критериуми во првите редови на процесот на пристапување кон ЕУ, односно во првиот кластер, Темели.
Покрај економските критериуми, кластерот Темели за прв пат, како дел од пристапните преговори ги вклучува и функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.