„Фокус“: Се „преговараше“ ли со Tурците за тендер за пречистителната станица?

Пред десетина дена на порталот „Инфомакс“ излезе текст во кој пишуваше дека дотогаш се уште актуелниот директор на „Водовод и канализација“, Златко Перински мести тендер за изградба на пречистителна станица во Скопје за 160 милиони евра. Ова беше само дел од насловот, во кој дополнително беше додадено дека станува збор за поранешниот шеф на кабинет на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Од овој текст може да се предвидат случувањата во следниот период, поточно се’ што почна да се случува во понеделникот, откако и официјално дојде до кавга меѓу актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и ВМРО-ДПМНЕ. На сите страни летаа обвинувања, кој и како го мести тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица и кој сака да доојде до провизија од оваа бизнис-зделка?

Овој проект е финансиран од средства на Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, од кои, од вкупната сума, околу 70 милиони евра се неповратни пари. Во битката за тендерот конкурирала и француска компанија, која подоцна не доставила понуда, но затоа во игра останале турско-американскиот конзорциум и германската фирма со австриски капитал. Само еден ден по излегување на текстот, поточно по само 24 часа, Арсовска експресно го разрешни директорот на „Водовод и канализација“ обвинувајќи го дека го местел милионскиот тендер.

„Перински е разрешен поради самоволие и несоодветно постапување за милионски тендер за изградба на пречистителната станица“, се наведува во официјалното соопштение од Град Скопје. Неколку часа подоцна, од своите директорски столчиња „летнаа“ уште неколку кадри на опозиционерите, односно се водеше натпревар меѓу градоначалничката и првите луѓе на јавните претпријатија, кој ќе биде разрешен, а кој сам ќе поднесе оставка.

Очигледно, од овој тендер од 136 милиони евра се очекувало премногу, па и нервозата беше видлива. Оттука, се поставува прашањето – што стои во заднината на спорниот милионски тендер?

КОИ СЕ НОВИТЕ ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИИТЕ?

Пред една недела, Арсовска се појави на советнички прашања во Град Скопје, каде што по доцнење од 40 минути излезе на говорница и распали со навреди и страшни обвинувања по Мицкоски. Нејзиниот јавен говор го означи почетокот на крајот на соработката со најголемата опозициска партија. Таа не штедеше зборови, тврдејќи дека екипата околу вмровскиот лидер цело време работи само за наместени тендери и провизии. Но, што се крие зад ваквиот гард на Арсовска? Па, да почнеме од почеток. Проектот за пречистителна станица почнува пред шест години, поточно во 2016 година, кога со градот Скопје управува Петре Шилегов. Дури две години подоцна стартува целата процедура за тендерот, од тоа кои ќе бидат условите, па се’ до тоа какви технички спецификации се потребни. Конечно, во март годинава требаше да бидат отворени понудите и да се донесе одлука, но тоа не се случи, се’ до последната најава за минатиот понеделник, кога целата работа отиде во вода. Наеднаш целиот процес се стопира и почнаа да фрчат обвинувања од сите страни. Досега јавна тајна беше кавгата во опозицискиот табор и Арсовска, кои на последните локални избори, лани во октомври и дадоа поддршка на независната кандидатка. За изградбата на овој најголем инфраструктурен проект биле назначени членови на еволуциони комисии и комисија по жалби. Двете комисии имаат по пет членови, од кои двајца се претставници од Град Скопје , двајца од Водовод и петтиот член е од Министерството за животна средина. Според нашите информации, се’ почнува од моментот кога градоначалничката праќа официјален допис до „Водовод и канализација“ за промена на членовите на евалуационите комисии. „Фокус“ располага со дописот, кој е испратен на 25 јули 2022 година, во кој Арсовска пишува дека членовите се сменети од нејзина страна, без никакво образложение, зошто носи таква одлука.

Од 25.7.2022 година, претходно назначените членови повеќе не се претставници на градот Скопје за горенаведените комисии, се наведува во дописот потпишан од првата мајка на градот.

АРСОВСКА ЗА ПАРТИЗАЦИЈАТА

Арсовска, на седницата за советнички прашања јасно и гласно кажа дека треба да заврши партизацијата во институциите и да се вработуваат и поставуваат кадри по заслуга. Па, ако веќе градоначалничката така размислува, зошто кога лани на крајот на октомври стапи на функција, сите директори што ги именува на јавните претпријатија ги постави од редовите на ВМРО-ДПМНЕ?

А сега, кога се расипа калимерата, еден по еден почна да ги разрешува од функциите.

Таа комплетно ги менува старите членови, па така во евалуационата комисија за избор на изведувач на објектот „Изградба на станица за пречистување на отпадни води ги става новите членови Звонимир Цветановски, за кој нашите извори тврдат дека е раководител во секторот за урбанизам во Град Скопје. Потоа, како нов член фигурира и Зоран Глигоров, кој веднаш по разрешувањето на секретарот, го назначува на оваа функција, а претходно бил нејзин шеф на кабинет. Како заменик-член, Арсовска го назначува Димитар Гучев и уте еден заменик-член Снежана Митревска.

Освен оваа комисија , постои и комисија за надзор на изградбата, а во неа како нови членови се назначени Ѓорѓи Грковски, Филип Силјановски и Маја Ристова, додека пак, како заменик член е поставена Елизабета Јовановска.

Арсовска оди до таа мера, што дури назначува и нови членови на комисијата за жалби, па тука влегуваат Цветанка Соколовска-Младеновска, која според нашите информации е раководителка на правен сектор во Градот како член и Марија Клинчарова -Атанасовска, како заменик-член.

Тоа што е чудно во целата оваа приказна е тоа што сево ова се случува на само неколку дена пред и официјално да бидат отворени финансиските понуди.

УЛОГАТА НА МИЦКОСКИ ВО ТЕНДЕРОТ ОД 136 МИЛИОНИ ЕВРА?

Пари од тендер вреден 136 милиони евра е причината за жестоките кавги меѓу Данела Арсовска и Христијан Мицкоски, реагираат од владејачката партија.

„Една година по локалните избори се виде вистинското лице на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Таа е истата партија на која ѝ се битни само провизиите, тендерите со народни пари, не ѝ се важни интересите  на граѓаните. Мицкоски треба да излезе пред јавноста и да каже која е неговата улога во спорниот тендер од 136 милиони евра?“, прашуват од СДСМ.

СЕ ПРЕГОВАРА ЛИ СО ТУРСКАТА ФИРМА?

„Фокус“ разговара со повеќето засегнати страни во приказната, од каде што првичните информации се дека Арсовска наводно „навивала“ за турската фирма да го добие тендерот за пречистителна станица, бидејќи според опозиционерите, таа тврдела дека тие имаат пониска понуда. Од каде се знаат тие информации, кога понудите не се отворени?!

Нашите извори тврдат дека Турците уште претходно се наметнувале да го земат тендерот, со тоа што уште пред неколку години, во една пригода доставиле непристојна понуда, но биле одбиени. Сега е повторно во центарот на вниманието, а тоа на советничките прашања го потврдија и од опозициската партија каде што индиректно тврдеа дека Арсовска преговарала веќе со нив.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Луке Галески од говорница ја праша дали имала контакти со турски државјанин, кој е поврзан со турската фирма што учествува на тендерот?

КАКО СТАРТУВАШЕ ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА?

Во периодот кога СДСМ ја предводеше локалната власт во Скопје, беше најавена изградбата на пречистителната станица како една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животната средина во земјава.

„СДСМ трајно го решава третманот на отпадните води во Скопје.

Инвестираме во проект што му е ургентно потребен на Скопје, затоа што зголемувањето на населението, урбанизацијата и брзата индустријализација континуирано го зголемуваат количеството на непречистени води што домаќинствата и фирмите ги истураат во Вардар“, се наведуваше во партиското соопштение.

„Дали го знаете овој лик? Не би сакале по една година да се сетите во обвинителството на овој лик. Дали за ова баравте промена на комисијата за евалуација? Од каде знаевте дека понудата на турската компанија е пониска“, праша советникот Галески.

Исто така, според наши информации, блиска роднина на Арсовска, уште пред да пукне скандалот, со Турците преговарала за бизнис-зделката, но сега, по последните случувања, работата баш не оди како што е замислена. Посебно, што сето тоа доби и голем одѕив во јавноста.

Сепак, веќе подолг период кружат муабети дека еден од најблиските соработници од сенка на Арсовска е Драган Митковски, за што потврдуваат и јавно објавените фотографии. Нивната бизнис-соработка почнува уште многу одамна, поточно во 2014 година јавно се официјализира, откако актуелната градоначалничка, а тогаш претседателка на Сојузот на стопански комори предлага до Управниот одбор и тие едногласно ги избираат Сеад Кочан за заменик-претседател на ССК и Митовски за потпретседател на финасии.

Тој е и првиот претседател на Комората на сметководителите во ССК формирана во 2009 година на негова иницијатива и воедно сопственикот на компанијата „Митковски ММ“, која е лоцирана во скопски Ѓорче Петров каде што живее и семејството Арсовски. Дека нивната соработка трае со години покажува и фотографијата објавена во јули 2021 година, кога делегација на ССК заминува во посета на Хрватска, а дел од делегацијата предводена од Арсовска е и потпретседателот Митковски.

Сепак, неговата кариера во Сојузот на стопанските комори завршува лани, односно во период кога до раководството стигаа закани и некој го пали возилото на извршната директорка, а за што, како што објавивме, на разговор во полициска станица во мај е повикана токму Арсовска.

Во обвинителството веќе има формирано предмет по кој се постапува. Според нашите информации, претседателот на ССК формирал комисија од членови, кои го разрешуваат Митковски од функцијата.

Тоа не се единствените функции што ги има, па така тој одреден период бил потпретседател и на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров, а бил и претседател на комисијата за финансиско работење на фудбалската федерација на Македонија.

Митковски доаѓа од скопската населба Ѓорче Петров, каде што, како што објаснуваат тие што ги познаваат во детските денови другарувале со Никола Груевски. Тој во последниот период често пати може да се забележи и во просториите на градот Скопје, како и во јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), но никој нема информации во кое својство.

Дека Митковски е човек близок до поранешниот прв човек на „вмровците“ потврдуваат и текстовите објавени во медиумите, кога во еден ист ден во 2013 година беа купени шест локални телевизии од тројца бизнисмени.

Имено, меѓу нив се најде и името на Митковски, кој за 47.000 евра тогаш ги купи ТВ о2 и тетовската Менада ТВ, кои по падот на Груевски во 2017 година постепено згаснаа. Оттука постепено доаѓаме и до таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски, за кој Фокус веќе објави дека поседува недвижен имот од над 4.000 квадратни метри и 6 фирми. Она што ги поврзува двајцата бизнисмени е тоа што фирмите им се водат како (сопственици) челнови на македонската стопанска комора, македонската-француска стопанска комора и македонската-кинеска комора.

И во следниот период се очекува да продолжат препукувањата на Арсовска-ВМРО-ДПМНЕ па кој ќе „победи“ ќе покаже времето. А, вака како што тргнала работата-граѓаните можат да си почекаат за решавање на проблемот со отпадните води. Нели, кај политиката и провизиите се најбитни.

ПОГРЕШЕН ТУРЧИН СЕ НАЈДЕ НА ФОТОГРАФИЈА

После неколку дена на „Твитер“ се врти фотографија од Драган Митковски, поранешен претседател на ССК и извесен Аркан Керим, кој, исто така, е во ССК, но во областа туризам, како седат во кафеана. Сепак, тој не е Турчинот со кој било преговарано за што згрешија и од ВМРО-ДПМНЕ вадејќи негова слика. Според нашите информации, станува збор за извесен А.М кој бил посредник во преговорите. Фотографијата е постара, уште во периодот кога Митковски бил дел од раководството на Сојузот на Стопански комори.

ГРАД СКОПЈЕ: ВМРО-ДПМНЕ СЕ ДЕТАЛНО ИНФОРМИРАНИ ЗА ПОСТАПКАТА

„Фокус“ испрати неколку прашања и до град Скопје, каде што директно прашавме дали актуелната градоначалничка имала средба со Турците, на што од Кабинетот на Арсовска добивме краток одговор:

„Ниту градоначалникот, ниту Советот на Град Скопје имаат добиено информација кои биле понудувачи во оваа постапка, ниту имала средба со оваа постапка, но загрижува фактот што од ВМРО-ДПМНЕ се детално информирани за постапката, која според докажувања е доверлива и никој не би требало да има информации. Се користат со манипулации во недостиг од аргументи, додека во интерес на вистината веќе постапуваат надлежните институции“, се наведува во договорот од Град Скопје.

ИЗВОР: Неделник „Фокус“