ВИДЕО| Бројот на жртвите во нападот во училиште во Русија се искачи на 13, напаѓачот носел свастика

Напаѓачот облечен во маица со нацистичка свастика во понеделникот убил најмалку 13 лица во градот Ижевск, во рускиот регион Удмуртија, од кои седум се деца, објавија истражителите.

„Жртви на злосторството се 13 лица, од кои шест возрасни и седум малолетни, ранети се 14 деца и 7 возрасни лица“, објави на социјалните мрежи рускиот Истражен комитет. Се додава дека меѓу возрасните се двајца учители и двајца чувари.

Идентитетот на напаѓачот не е соопштен, но според првичните сознанија станува збор за поранешен ученик во истото училиште во градот на 980 километри источно од Москва, а роден 1988 година.

Истражителите потврдија дека напаѓачот носел „фантомка“, а на кусата водеоснимка се гледа како лежи на под во училница, облечен целосно во црна облека со црвена нацистичка свастика на маицата. Бил вооружен со два пневматски пиштола кои биле преправени за употреба на боева муниција, и напаѓачот кај себе имал големо количество куршуми.

Во Русија изминатите години се случија неколку вооружени напади во училишта. Во мај 2021 година вооружен тинејџер уби седум деца и двајца возрасни во 280 километри оддалечениот Казан. Во април годинава вооружен маж уби две деца и учител во детска градинка во регионот Уљановск, исто така, во близина ан Казан и Ижевск, пред да се самоубие.