Повеќе од дваесет земји предводени од Јапонија одлучиле да го зголемат производството на „зелениот“ водород од сегашните милиони на најмалку 90 милиони тони годишно до 2030 година, соопшти во понеделникот јапонското министерство за индустрија.
Договорот ги вклучува САД, Австралија и Германија, а постигнат е на министерскиот состанок за водородната енергија во Токио.
Многу земји, вклучително и Јапонија којашто е сиромашна со природни ресурси, се соочуваат со историскиот ризик за енергетската безбедност откако започнаа да се откажуваат од енергенсите од Русија поради војната во Украина, а откако беа минимизирани испораките на рускиот гас во Европа дополнително растат и онака рекордно високите цени на гасот на физичкиот пазар уште од минатата есен.
„Веруваме дека стратешкото зголемување на одржливото производство и користење на нискојаглеродниот и обновлив водород, може значително да придонесе за енергетската сигурност, отпорноста и климатските цели“, објави јапонското министерство за индустрија, без да ги наведе поединостите за остварување на зацртаните цели.
Се истакнува само дека повеќе земји и региони би требало да преземат конкретни мерки за да го зголемат одржливото производство на водород.
Водородот стекна статус на „зелено“ гориво на иднината и клучна алатка за ткн декарбонизација на секторите кои се потпираат на јагленот, гасот и нафтата, како што се главно челичната и хемиската индустрија. Јапонија го смета за клучен за остварување на целта нето нулта емисија на штетните гасови до 2050 година.
Глобалната цел е до крајот на деценијата да се произведуваат 90 милиони тони на „синиот“ водород годишни, кој се добива од природниот гас со собирање и складирање на емитираниот јаглерод, и „зелениот“ водород кој се добива со електролиза, со користење на обновливи извори на енергијата.
Меѓународната агенција за енергија (IEA) смета дека производството во тој рок би требало да достигне 95 милиони тони годишно за до средбата на векот емисијата на штетните гасови нето да се сведе на нула.
„Потребна е поголема поддршка на политиката за да се поттикнат нови и чисти форми на употреба (на водородот) во тешката индустријата и транспортот на голема оддалеченост“, предупредуваат од IAE во неодамнешниот извештај.
Јапонија планира да го зголеми годишното снабдување со водород, вклучително и од увоз, од сегашните два на три милиона тони од 2030 година.