Сондата DART ќе ја „спаси“ Земјата од астероид

Американската агенција за вселенски истражување NASA се надева дека ќе испише историја во понеделникот вечерта по американско време со остварувањето на „првиот планетарен тест за одбрана“ на планетата од удар на астероид така што ќе го скршне од неговата патека.

Целта на мисијата е да се заштити Земјата од потенцијален судар со NEO, што е кратенка на NASA за некој објект во близина на планетата, астероид или комета, којшто би можел опасно да се приближи. Големото финале би требало да се случи во 23 часот по американско време.

Мисијата DART (Double Asteroid Redirection Test) е првата која ќе се обиде да го скршне од неговата траекторијата опасниот објект во директен експеримент за да спречи негов удар во планетата Земја, изјави директорот на вселенската мисија Томас Зарбнакен.

Во 2016 година NASA го основаше Бирото за координација на планетарната одбрана (PDCO) за рано откривање на закона од NEO со големи димензии, од најмалку 30 до 50 метри кои би можеле да предизвикаат големи штети на површината на Земјата, како и за следење на патеката на тие објекти.

Астрономите моментално не знаат дали на Земјата ѝ се заканува некој објект, но астероид пред околу 66 милиони години оставил голем кратер на мексиканскиот полуостров Јукатан и можеби токму тој го предизвикал изумирањето на диносаурусите.

Вселенското летало DART има маса од 610 килограми и димензии 1,8 на 2,6 метри, а лансирано беше во ноември 2021 година од сојузната држава Калифорнија со ракетата „Falcon 9“ на вселенската компанија „SpaceX“ на Илон Маск. Дизајнирано е да се залета во астероидот Диморфос со брзина од 6,6 километри во секунда, што би требало да се случи во 23,14 часот во понеделник по ГМТ, односно во 1,14 часот по македонско време во вторникот.

„Астероид Диморфос: Одиме до тебе“, објави на Twitter NASA во времето на лансирањето.

Пречникот на Диморфос е околу 160 метри и тој како и месецот орбитира околу поголемиот астероид Дидимос. Камерите на DART ќе го фатат астероидот само 90-ина минути пред планираниот удар во него.